Транспаренси интернешнл

Индекс на корупција: Скок од 24 места на Северна Македонија на листата на Транспаренси интернешнл

Северна Македонија напредна до 87 место со 39 индексни поени на најновата листа на Транспаренси интернешнл. Во извештајот се наведува дека се преземени чекори за гонење на високо ниво за корупција.

По неколку години пад, Северна Македонија забележува напредок во борбата против корупцијата. Таа скокна за 24 места погоре во однос на минатата година на најновата листа на Транспаренси интернешнл, која што го оценува напредокот на земјата во борбата против корупцијата. Северна Македонија е на 87 место со 39 индексни поени, за разлика од минатата година кога беше на 111 место со 35 индексни поени. Во истражувањето се опфатени 180 земји во светот. Индексот на перцепција на корупцијата се мери на скала од 0 до 100, при што 100 е највисока вредност и означува најмало ниво на корупција.

„Земјата презеде чекори за кривично гонење на високи функционери за корупција и зајакнување на независните надзорни институции. Владата, исто така, усвои агенда и акционен план против корупцијата – развиен во консултација со граѓанското општество – кој вклучуваше експлицитни мерки за борба против организираниот криминал, реформи во изборите и правосудниот систем, како и справување со непотизмот, кронизмот и влијанието во практиките за вработување на јавни места“, се наведува во најновиот извештај којшто го објави Транспаренси интернешнл.

Во него се наведува дека во 131 земја не е постигнат значаен напредок против корупцијата во последната деценија. Две третини од земјите имаат резултат под 50, што покажува дека имаат сериозни проблеми со корупцијата, додека 27 земји имаат најниска оценка досега.

Како најголеми проблеми со кои што се соочуваше светот годинава се наведуваат Ковид-19 и човековите права. „Со оглед на тоа што напорите за корупција стагнираат ширум светот, човековите права и демократијата се исто така нападнати. Ова не е случајно. Нашата последна анализа покажува дека заштитата на човековите права е клучна во борбата против корупцијата: земјите со добро заштитени граѓански слободи генерално постигнуваат повисоки резултати, додека земјите кои ги прекршуваат граѓанските слободи имаат тенденција да добиваат пониски оценки“, се вели во извештајот.

Во него се посочва дека глобалната пандемија, исто така, се користи во многу земји како изговор за да се ограничат основните слободи.

Со просечна оценка од 66 од 100, регионот на Западна Европа и Европската Унија (ЕУ) сè уште е на врвот на Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) за 2021 година, но напредокот во регионот стагнира. Долгорочните последици од несоодветната антикорупциска акција се веќе евидентни во Унгарија (43) и Полска (56), со загриженост дека Словенија (57) наскоро ќе им се придружи, се вели во извештајот.

Најуспешни во борбата со корупцијата минатата година биле Данска, Финска, Нов Зеланд, Норвешка, Сингапур и Шведска. Јужен Судан, Сирија и Сомалија остануваат на дното на листата според борбата против корупцијата.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Тупанчески

Билатерални средби на Тупанчески во Шибеник во рамките на Регионалната конференција

Министерот за правда, Никола Тупанчески оствари повеќе билатерални средби во рамките на Регионалната конференција ,,Култура …