ЕУ знаме

ИРИ: Пет од шест земји во Западeн Балкан би гласале за приклучување во ЕУ

На прашањето, „Кој е најважниот проблем со кој се соочува земјата во моментов“, најголем број од испитаниците во Северна Македонија (31 отсто), одговориле дека тоа е економијата, односно високите цени и високите трошоци за живот

Последното мултинационално истражување за Западен Балкан, кое го направи Центарот за анкетни истражувања (CISR) на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), покажува широка поддршка за приклучувањето кон Европската унија (ЕУ) и силно мнозинство кое ја смета руската војна против Украина за неоправдана. Земјите во кои била спроведена анкетата се Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.

На прашањето дали би го поддржале приклучувањето кон ЕУ доколку денес се одржи референдум, во пет од шесте земји силно мнозинство би гласало за приклучување кон Унијата и тоа од 68 отсто во Северна Македонија и во Босна и Херцеговина до 92 отсто во Албанија. Во Србија, повеќето од 40 отсто го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ.

„Постои силна желба низ Балканот за зајакнување на врските со западните економии и за приклучување кон ЕУ“, рече Пол Мекарти, директор за Европа во ИРИ.

Според него, оваа широка поддршка покажува дека луѓето од целиот регион веруваат дека понатамошната интеграција во Европската унија може да помогне за постигнување одржлив просперитет.

Кај приоритетите на граѓаните за владите на Западен Балкан доминираат економските прашања. Освен Албанија, каде што невработеноста беше главен проблем, високите цени и трошоците на живот претставуваат најголема грижа за граѓаните во другите пет земји од Западен Балкан. Покрај тоа, во сите шест земји, корупцијата се појави како еден од првите три приоритетни проблеми.

На прашањето, Кој е најважниот проблем со кој се соочува земјата во моментов, најголем број од испитаниците во Северна Македонија (31 отсто), одговориле дека тоа е економијата, односно високите цени и високите трошоци за живот. По економијата следна е корупцијата со 22 отсто, а трет проблем според одговорите на испитанците е невработеноста со 10 отсто.

Високи 78 отсто од испитанците сметаат дека земјата оди во погрешна насока, наспроти 10 отсто кои сметаат дека државата се движи во правилна насока.

Анкетата, исто така, покажа дека мнозинството во пет од шесте анкетирани земји верува дека руската војна против Украина е целосно или донекаде неоправдана. Во Србија, пак, повеќето од 49 отсто целосно или донекаде ја оправдуваат Русија.

„Иако овие бројки се претежно позитивни, српските одговори се вознемирувачки. Доколку мирот и безбедноста се долгорочни цели на Балканот, подобра опција за Србија ќе биде да ги отфрли руските предлози и да изгради посилни врски со Западот“, рече Мекарти.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Партиски понуди и црвени линии за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ

Партиски понуди и црвени линии за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ

Парламентарните избори во Северна Македонија уште не се одржани, а партиите веќе на големо ги …