Исплатени средствата за субвенциониран студентски оброк за јануари

Исплатени средствата за субвенциониран студентски оброк за јануари

Студентите на своите трансакциски сметки денеска ги добиваат средствата по основ на субвенциониран студентски оброк за јануари. Студенти стапија во контакт со Мета.мк, информирајќи дека за првиот месец од годинава веќе се исплаќаат средствата во износ од 2.520 денари.

Сепак, исплатата на средствата доцни цел месец, ако се земе предвид дека според Законот за субвенциониран студентски оброк и според праксата од минатата година, за еден месец Министерството за образование и наука (МОН) ги исплаќа средствата на сметка на студентите во првиот работен ден од следниот месец.

Според ова, студентите сега требаше да ги добијат средствата за оброк за февруари.

Мерката субвенциониран студентски оброк годинава ја одбележаа повеќе проблеми, откако на почетокот од академската година се предлагаа измени според кои субвенциониран оброк ќе земаат далеку помал број студенти од тоа што беше предвидено во првичниот закон од 2020 година.

По реакциите во јавноста и кратките протести, студентите и државата постигнаа договор, а оброкот продолжи да се исплаќа како и минатата година.

Иако треба да се исплаќа од октомври, студентите првите средства за оброк ги добија кон крајот на минатата година, односно на 22 декември.

Мета.мк пред три дена упати прашања до Министерството за образование и наука (МОН) за тоа зошто исплатата на мерката доцни повеќе од еден месец, но до овој момент не добивме одговор од институцијата.

Прочитајте повеќе

Социјални медиуми

Инфлуенсерите со повеќе од 10.000 следбеници треба да се регистрираат во АВМУ

Со измените на медиумската легислатива што стапија на сила во јули 2023 година, за првпат …