еу мк

Извештај за владеење на правото во ЕУ 2023: 65% од минатогодишните препораки во реализација, 35% не почнале да се реализираат

Земји како Естонија, Шведска, Финска, Португалија, Холандија и Италија постапиле по сите од минатогодишните препораки на Европската комисија, а Унгарија и Полска се со највисок процент препораки кај кои нема никаков напредок

Извештајот на ЕК за владеењето на правото во 2023 година го доживува своето четврто издание. Тој станува една од воспоставените практики во Унијата, иако е сѐ уште „во изградба“ и секоја година има некои новини. Сепак, ќе биде потребно повеќе време да се оцени неговата ефикасност како еден од инструментите за унапредување на владеењето на правото во ЕУ.

Oбластите остануваат исти: правосуден систем, анти-корупциска рамка, плурализам и слобода на медиумите, како и други институционални прашања што се поврзани со механизмите на контроли и рамнотежа.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Оваа година клучната промена е оценката за исполнувањето на посебните препораки за државите членки, откако таквите препораки беа воведени во минатогодишниот извештај. Комисијата го оценува нивното исполнување со воедначени оценки: нема напредок, одреден напредок, значителен напредок и целосно исполнета препорака. Авторите оцениле дека кај 65% од препораките има некаков напредок. Тоа е подобар начин одошто да се каже дека кај 35% нема никаков напредок. Објаснување се наоѓа во фактот што за повеќето препораки се работи за повеќегодишни процеси. Ако бараме „шампиони“, тоа секако во позитивна смисла ќе бидат Естонија, Шведска, Финска и Португалија, како и Холандија и Италија, кои постапиле по сите препораки. Од другата страна на вагата се Полска и Унгарија, со највисок процент препораки кај кои нема никаков напредок. Тоа не е изненадување, имајќи предвид дека овие две земји подолго време се „на тапет“ и за нив Комисијата има покренато постапки за прекршување на владеењето на правото, има и пресуди на Судот на правдата на ЕУ, а им се задржуваат и средства од Фондот за обнова. Меѓутоа, ниту Романија, Словачка и Малта не се прославиле во спроведувањето на препораките.

Да ги погледнеме посуштествено клучните проблеми и препораки во секоја област. Во областа на правосудството најмногу од препораките се однесуваат на независноста на судството: востановување или унапредување на работата на советите за судството и постапките за избор на судии, но и на јавни обвинители, одговорноста и независноста на дисциплинските постапки. Актуелни се и прашањата на обезбедување доволно и квалитетни ресурси, а потоа ефикасноста на постапките и дигитализацијата. Сѐ повеќе внимание се обрнува и на пристапот до правдата, но и на улогата на адвокатите.

Од прашањата поврзани со анти-корупцијата, покрај барањата за сеопфатни антикорупциски стратегии и нивно спроведување, актуелни се прашањата на изјавите за имотот и конфликтот на интереси. Сѐ повеќе внимание се посветува и на постапките од „висок профил“. Актуелни се лобирањето, но и проблемот на премин на поединци од позициите на политичар во регулатор или бизнисмен, па се бараат механизми за спречување на оваа појава наречена „ротирачка врата“.  И финансирањето на политичките партии е еден од истакнуваните проблеми.

Во областа на медиумите, најчестите проблеми се независноста на регулаторот, независноста на јавниот радиодифузен сервис, како и политичкото мешање, вклучувајќи и преку државно рекламирање. Препораки до повеќе земји се однесуваат и на подобрување на пристапот до јавни информации и транспарентноста.

Од другите прашања поврзани со механизмите на контрола и рамнотежа препораки за повеќе земји бараат повисоко ниво на вклученост и квалитет на процесот на одлучување, како и обезбедување поповолна околина за работа на граѓанските организации. Сѐ уште и во земји членки на ЕУ е актуелен статусот на омбудсманот, националните тела за човекови права, телата за еднаквост и други независни тела, па чести препораки се почитување на нивната независност, обезбедување доволен буџет, како и следење на препораките на овие тела. Од овој извештај задолжителна содржина за секоја земја станува и нејзиното досие на спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права – т.н. „водечки пресуди“. Вкупно на ниво на ЕУ, не се спроведени околу 40% од водечките пресуди последниве десет години. И употребата на шпијунски софтвер (на пр. „Пегасус“) е веќе втора година составен дел на извештајот, но изостануваат препораки во однос на овој проблем.

Значителна група граѓански организации и мрежи на европско ниво пред неколку месеци побараа од европските институции повеќе амбиции за Извештајот. Го повторија барањето тој да биде посеопфатен и да не изолира прашања на владеење на правото од прашањата на демократијата и човековите права, туку да ги опфати сите вредности наведени во членот 2 на Договорот од Лисабон. Слично барање има и Европскиот парламент. Сѐ уште нереализирано е и барањето извештајот да ги опфати и државите кандидати, за кои системот на мониторинг е одамна воспоставен.

Прочитајте повеќе

Фондацијата Метаморфозис со конкурс за годишна награда „Илија Жупаноски“ за справување со дезинформации

Ќе бидат доделени две годишни награди во две категории: Најдобар новинарски труд, односно стручен труд …