Jапонскиот претприемач и милијардер Јусаку Маезава ќе ја финансира мисијата „dearMoon“, чија цел е да го однесе него заедно со група од осум луѓе на патување околу Месечината.

Тој преку видео ги повика луѓето од целиот свет и од „било какво потекло“ да се приклучат и додава дека ќе го плати целото патување, па оние што ќе му се придружат ќе патуваат бесплатно.

Планирана за во 2023 година, оваа шестдневна мисија ќе биде првото човечко патување околу месечината после 1972 година, а ќе се патува со ракетата „Старшип“ на „СпејсЕкс“.

Проектот за првпат беше објавен од Маезава и Илон Маск, директорот на „СпејсЕкс“, во 2018 година, а според тогашниот план за ова искуство требало да бидат поканети уметници од целиот свет. Критериумите кои треба да ги исполнуваат уметниците не беа никогаш соопштени, па во новото промотивно видео за мисијата е објавено дека повикот за „dearMoon“ ќе биде отворен за сите ширум светот.

„Почнав да мислам дека секој поединец што прави нешто креативно може да се нарече уметник“, вели милијардерот во видеото.

Двата клучни критериуми кои цивилните патници треба да ги исполнуваат се: без оглед на професијата, со одењето во вселената на било кој начин да им помогнат на другите луѓе и општеството и да бидат подготвени и способни да ги поддржат другите членови на екипажот кои споделуваат слични аспирации.

Во видеото се појавува и Илон Маск кој вели дека се очекува мисијата да ги однесе луѓето „најдалеку од Земјата каде што човекот некогаш отишол“, затоа што ракетата ќе прелета покрај Месечината и ќе ја заобиколи за да се врати назад.

Маск исто така додава дека е сигурен оти „Старшип“ ќе биде доволно безбеден за човечки транспорт, затоа што до 2023 година, за кога е планирана мисијата, леталото ќе замине во орбитата многу пати.

Не е позната сумата која Маезава ја платил за мисијата во вселената, но според Маск, се работи за „многу пари“.

Процесот на селекција на цивили кои ќе заминат на патувањето треба да биде допрва дефиниран, а луѓето од целиот свет можат да се регистрираат на официјалната веб-страна на проектот.

„СпејсЕкс“ работи и на друга мисија со која планира да испрати цивили во вселената. „Инспирација 4“ треба да замине од Земјата до крајот на годинава.

Извор:МЕТА