Јавниот превоз во Скопје и понатаму во хаос, градот не им исплаќа на приватните превозници

Јавниот превоз во Скопје и понатаму во хаос, градот не им исплаќа на приватните превозници

Приватниот превозник на автобуски јавен превоз „Макекспрес“ и денеска не ги пушти во сообраќај линиите 19, 20, 22, 52 и 54, бидејќи, како што велат, не добиле пари од Град Скопје. Од канцеларијата на градоначалничката Данела Арсовска, пак, обвинуваат дека кај „одредена група на приватни превозници“ регистрирале низа неправилности и поради оваа причина може да дојде до промена на финансискиот надоместок за нивните услуги, пишува Порталб.мк.

„Ова не е штрајк, туку ги потрошиле сите средства. Немаат средства да купат гориво, имаат вработени на кои им немаат исплатено плати и придонеси, а да не зборуваме и за домашниот буџет. Досега не сме добиле никаков одговор од Град Скопје, да нè повикаат да им кажеме со какви проблеми се соочуваме и да најдеме решение. Тие нѝ должат околу 30 милиони денари или околу 500 илјади евра. Значи, не нѝ се исплатени авансите за август, септември и октомври“, велат за Порталб.мк од „Макекспрес“, и додаваат дека сè додека не им се исплатат овие средства, нивните автобуси нема да сообраќаат.

На нашите прашања од Град Скопје добивме копи-пејст одговори од делови на интервјуто кое заменик-градоначалникот на Град Скопје, Александар Трајановски го даде за медиумот „Локално“.

Од Град Скопје велат дека за разлика од градските автобуси, кај „група приватни превозници“ регистрирале низа неправилности во работењето, како и неостварување на услугите за кои се платени од ЈСП.

„Од субстандардните услови на автобусите, нивната техничка неисправност, саботирањето на системот за следење на движењето на нивните автобуси, сè до неисправноста на фискалната опрема и непочитувањето на утврдениот распоред. Сето ова ни дава за право да ја доведеме во прашање оправданоста на сумата што оваа група на приватни превозници ја бара како надомест за нивните услуги. ЈСП и Град Скопје неколкупати укажале на овие пропусти и недостатоци, а беше даден и рок за подобрување на квалитетот на автобусите и нивната техничка исправност“, се вели во одговорот на Град Скопје до Порталб.мк.

Од таму ветуваат дека граѓаните ќе имаат редовен транспорт, бидејќи овие линии ги покриваат автобусите на ЈСП.

Но, граѓаните сега веќе трети ден, како и многу пати претходно, се соочуваат со хаос. Целата општина Шуто Оризари веќе 3 дена се соочува со редуциран број на автобуси, исто така и дел од општина Чаир.

Во меѓувреме, сопственикот на „Макекспрес“ Милорад Димитријевски за MИА изјави дека се очекува средба со претставниците на ЈСП и на Град Скопје.

Градот има долг од околу 700 илјади евра и кон втората приватна транспортна компанија „Слобода превоз“, но тие денеска сообраќаат бидејќи им беше ветено дека до петок ќе бидат исплатени.

На 20 октомври за прв пат откако постои ЈСП Скопје (1948 г.) остана без јавен превоз, автобусите на ЈСП „Скопје“ не сообраќаа по улиците поради неисплатените плати на работниците. Градот Скопје на вонредна седница пренамени 2 милиони евра од други проекти предвидени во буџетот за субвенции за Дејноста за јавно здравје за да може да се изврши исплата на платите. Но, тие пари не се доволни за подмирување на долгот кон приватните превозници кој останува 1,2 милиони евра.

Од 2016 година приватните автобуси сообраќаат преку единствениот тарифен систем заедно со ЈСП. Според тогашната одлука на Советот на Град Скопје, на нив им се плаќа 61 денар за поминат километар.

Во мај годинава Порталб.мк алармираше дека поради неисплатата на финансиските средства од страна на Град Скопје, возачите на линиите број 19 и 20 без никакво предупредување престанаа да сообраќаат. Ова предизвика целосен хаос, бидејќи цела општина Шуто Оризари и дел од општина Чаир останаа без јавен транспорт.

По написите на Порталб.мк, претставниците на Град Скопје се сретнаа со претставниците на приватната компанија „MAKEКСПРЕС” и изјавија дека се договориле Град Скопје да им исплати 60 отсто од долгот, со што оваа линија се нормализираше.

Бесплатен јавен превоз за сите граѓани – беше главното ветување на Данела Арсовска, за време на предизборната кампања, но една година по нејзината победа на изборите, граѓаните кои патуваат со линиите број 19, 20, 22, 52 и 54 не се во можност да патуваат ни со пари.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …