„После вчерашните 8, во општина Прилеп се регистрирани 14 нови случаи на лица инфицирани со КОВИД-19, со што вкупната бројка се искачи на 72. Вчера, за жал, го имавме и првиот смртен случај во нашиот град. Оваа прилика ја користам да му изразам сочуство на семејството на починатиот, а на останатите членови од семејството да им посакам побрзо закрепнување“, изјави на денешната прес конференција градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

Јованоски истакна дека последните податоци покажуваат дека влегуваме во втората фаза на пандемијата, во која бројот на заболени граѓани од општина Прилеп, рапидно се зголемува. Од вкупниот број на заразени граѓани со коронавирус во нашата општина, две третини се работоспособни, а другите се повозрасни граѓани над 60 годишна возраст, а инфицирани се и 4 деца.

„Заради прогресијата на новозаразени, барам воведување на дополнителни мерки за општина Прилеп. За таа цел, утре во посета на Општината ќе бидат вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шеќеринска, вицепремиерот и шеф на Централниот кризен штаб, Бујар Османи и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, со кои ќе разговараме за мерките кои дополнително треба да ги преземеме. Ќе побарам поголема вклученост на Армијата за спроведувањето на мерките и препораките од Владата и Министерството за здравство. Мора до го спречиме групирањето и гужвите пред банките и маркетите во градот. Исто така сакам да потенцирам, компаниите каде има потврдени случаи на нивни вработени кои се заразени со коронавирус, во вакви услови не смеат ниту да помислат повторно да ги активираат своите производствени капацитети, се’ додека не се создадат услови за работа, според проценките на стручните служби“, нагласи градоначалникот Јованоски.

Честитајќи им го на граѓаните од католичка вероисповед Велигден а на православните празникот Цветници, градоначалникот до сите граѓани испрати порака празнувањето да се одвива во домашни услови.

„Мора безусловно и без исклучок да ги почитувате мерките за заштита од коронавирусот. Се работи за вашите семејства, за вашите најблиски, за вашето здравје и здравјето на сите нас“, порача градоначалникот Јованоски.

Татјана Станимировиќ, епидемиолог во Центарот за јавно здравје – Прилеп, вели дека порастот на заболени со коронавирус во општина Прилеп е очекуван и дека не станува збор за драматично зголемување на бројот на инфицирани.

„Треба да сфатиме дека епидемијата има свој тек. Ние само што ја поминавме првата фаза, сега се наоѓаме во втората фаза во која, како што кажа и министерот, сеуште очекуваме пораст на бројот на заболени. Се надеваме и сите работиме тој раст да не биде остар. Во Прилеп линијата на пораст не е остра, ако имаме во предвид колку заболени имавме на самиот почеток на епидемијата. Не е тоа остро, оди очекувано“, потенцираше д-р Станимировиќ.

Според зборовите на докторката Станимировиќ, од целиот регион кој го покрива Центарот за јавно здравје – Прилеп, а тоа се општините Прилеп, Долнени, Крушево и Кривогаштани, досега се тестирани вкупно 280 лица. Од нив, 75 се позитивни, а за 74 лица се чекаат резултати. Меѓу инфицираните се наоѓаат и шестмина здравствени работници.