Комитетот на Бернската конвенција и годинава бара да се откажеме од малите хидроцентрали

Комитетот на Бернската конвенција и годинава бара да се откажеме од малите хидроцентрали

Трите мали хидроцентрали – „Жировница“ 5, 6 и „Рибничка“ беа едни од главните пречки за неуспешниот процес на репрогласување на НП „Маврово“ пред десетина години заради што националниот парк и денес не ужива вистинска активна заштита

Веднаш да се откаже изградбата на малата хидроцентрала „Рибничка“ во Националниот парк „Маврово“, бара Комитетот на Бернската конвенција во препораките по последната 43. седница која се одржа на крајот на минатиот месец. Од државата се бара да се раскинат и сите концесии во Националниот парк (НП) „Шар Планина“, како и да се забрза репрогласувањето на НП „Маврово“ и да се обезбедат соодветни јавни консултации во сите фази на овој процес. Се препорачува да се забрза донесувањето на законите за води и за природа и да се обезбедат редовни консултации со граѓанските организации.

Препораките од Бернската конвенција следуваат откако Владата во февруари годинава донесе одлука да ги раскине постапките за изградба на две од трите планирани мали хидроцентрали во „Маврово“ – „Жировница“ 5 и 6, но не и „Рибничка“. Сепак, и за тие две одлуката сè уште не е спроведена, иако министерствата за животна средина, економија и финансии беа задолжени да формираат комисија која ќе работи на раскинување на договорот со инвеститирот „Хидроген Енерџи“. На истата седница Владата, пак, одлучи да го продолжи рокот за концесиите на три мали хидроцентрали во Националниот парк „Шар Планина“, „Пена“ 84 и 85 и „Вејачка“.

„Малите хидроцентрали веќе е утврдено дека имаат мал енергетски придонес. Имаме 98 вакви објекти, а од сите заедно добиваме околу три отсто од бруто домашното производство на електрична енергија. Наспроти занемарливиот придонес, штетата која ја предизвикуваат е огромна. Една третина од нив се изградени во национални паркови и заштитени подрачја и влијанијата врз биодиверзитетот, природата и водоснабдувањето на локалните заедници се многу поголеми од потенцијалната економска вредност“, вели Ѓорѓи Митревски од „Еко свест“.

Посочува дека трите мали хидроцентрали „Жировница“ 5 и 6 и „Рибничка“ беа едни од главните пречки за неуспешниот процес на репрогласување на „Маврово“ пред десетина години заради што националниот парк и денес не ужива вистинска активна заштита. И сега, кога процесот повторно стартува, концесиите за овие три објекти сè уште постојат и се потенцијална опасност за ново одолговлекување на репрогласувањето.

Случајот на мали хидроцентрали во НП „Маврово“ отворен пред Бернската конвенција годинава одбележа јубилеј од 10 години. Во овој период граѓанските организации успеаја да издејствуваат некои промени, но сепак, проблемот со малите хидроцентрали сè уште е сериозна закана за реките во заштитените подрачја, но и надвор од нив.

Борбата започна во 2013 година кога „Еко свест“ поднесе жалба до Секретаријатот на Конвенцијата, посветена на заштита на дивиот свет и живеалиштата од европско значење во рамките на Советот на Европа, со барање да се запрат хидроелектраните „Бошков мост“ и „Луково поле“ во НП „Маврово“. Во 2015 година независни експерти извршија теренска проценка на степенот на закана за биодиверзитетот и заклучија дека предложените енергетски објекти не се компатибилни со статусот на заштита на екосистемите и видовите со висока вредност и дека треба да се напуштат.

Тогаш Светска банка се повлече од финансирањето на „Луково поле“, но Владата продолжи да издава концесии за мали хидроелектрани. Во 2017 година беше раскинат договорот за финансирање и на „Бошков мост“, но Владата и понатаму одобруваше концесии на мали хидроцентрали. Рокот им беше продолжен на „Жировничка“ 1 и 2, „Јадровска“ и „Рибничка“ во Маврово, а до 2019 година беа одобрени уште 18 концесии во идни национални паркови.

Како резултат на тоа, во 2021 година Комитетот на Бернска конвенција донесе препорака со 13 точки, меѓу кои и за откажување на сите хидроцентрали во заштитени подрачја, државно финансирање на заштитените подрачја, усвојување план за заштита на балканскиот рис и забрзување на репрогласувањето на Маврово. Сепак, тоа не ја спречи Владата и понатаму да делува спротивно на препораките и во 2022 година да даде нови рокови за изградба на „Жировница“ 5 и 6, „Рибничка“ и „Јадровска“.

Во овој период се донесе и една одлука во насока на заштита на биодиверзитетот, со која се укинаа концесии за седум хидроцентрали на Шар Планина, откако стана национален парк. Екологистите побараа оваа практика да се примени и во Маврово и таму да се раскинат преостанатите концесии за мали хидроцентрали и да се направи методологија за следење на еколошкиот проток на реките. Од сите барања, засега, започнат е само процесот за репрогласување на НП „Маврово“.

Симона Трајковска од „Еко свест“ информира дека организацијата поднела иницијатива до Уставниот суд за оценка на два члена на Законот за животна средина, со кои се утврдува за ваков тип на објекти да се изработуваат Елаборати за оценка на влијанието врз животната средина, практика која не постои во Европската Унија и во европското законодавство. Тоа на нашите инвеститори им дозволува да ги протнат проектите без јавни расправи и знаење на јавноста, еколошките организации, па и на локалното население, кое директно ќе биде најзасегнато од штетите во нивната околина.

„Во иницијативата до Уставниот суд бараме да се поништат овие членови што предвидуваат изготвување на елаборати и да се направи соодветно транспонирање на Директивата за оценка за влијанието врз животна средина на ЕУ. Како аргументи ги споменуваме препораките од Бернската конвенција да се направи ревизија на целото законодавство со кое се прави оценка на влијанието врз животната средина и да се овозможат јавни расправи согласно со Архуската конвенција“, вели Трајковска.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Портокаловата фаза ги препоти граѓаните

Портокаловата фаза ги препоти граѓаните

Од ИЈЗ препорачуваат да се избегнува излегување и вршење напорна активност од 11 до 17 …