Завршуваат работите на комплетната реконструкција на спортската сала во Крушево, која со поставувањето на карпата за искачување и дополнителното опремување, го добива посакуваниот лик и функционалност, а градот добива дополнителен туристички ресурс.
„Крушевчани одамна бараа оваа сала да се реконструира, да се опреми и да се прошири нејзината намена, но и да се реши проблемот на поплавување. Проблемот е решен и преку проектот за развој на авантуристички туризам, салата ја оспособивме за авантуристички расположените посетители, како и за одржување на државни и меѓународни натпревари во мал фудбал, кошарка, одбојка и пинг понг, додека за најмладите оспособивме на долг рок да имаат простор за рекреација и здрав живот“, изјави градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски.
Реконструкцијата на спортската сала и проширувањето на нејзината намена се реализира преку Проектот за локална и регионална конкурентност финансиран од ЕУ, администриран од Светска Банка и имплементиран од Канцеларијата на Проектот за локална и регионална конкурентност, Канцеларијата на вицепремиерот за економски прашања и општина Крушево.