Контраспин николоски

Контраспин: Кои закони се „исклучиво за подобрување на финансиската состојба на граѓаните“?

Криејќи се зад флоскулата дека исклучок од блокадата ќе бидат „законите во интерес на финансиската состојба и директна помош“, од една страна, ВМРО-ДПМНЕ остава простор за „преговори“ кога да крене рампа за некој закон, а кога не, а од друга, не кажуваат дека таа бројка на закони, де факто, е огромна. Стотици закони се од значење на директна финансиска поддршка на граѓаните, почнувајќи од задолжувањето и ребалансот на буџетот, до измена на реформскиот пакет закони од администрацијата преку правосудството, до социјалната заштита, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Претставувајќи ја одлуката за активна блокада на Собранието од 10-ти мај, во одговор на новинарско прашање дали ќе има исклучок за некои закони, потпретседателот Александар Николоски, искажа тврдење во кое се препознава спин:

Спин: Исклучиво за закони кои се во интерес на подобрување на финансиската состојба на граѓаните и за директна помош на граѓаните. За сите останати блокадата ќе важи – (одговор на Николоски на прашањето за кои закони не би важела одлуката на партијата – н.з.)

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/видео – Изјава на А.Н. (од 5.30 мин.) – 04.05.2022]

Контраспин: Она што го искажа Николоски како дел од заклучок на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е извртување на вистината, т.е спин, во функција на залажување на јавноста дека „партијата секогаш е на страна народот“. Затоа што, криејќи се зад флоскулата дека исклучок од блокадата ќе бидат „законите во интерес на финансиската состојба и директна помош“, од една страна, ВМРО-ДПМНЕ остава простор за „преговори“ кога да крене рампа за некој закон, а кога не, а од друга, не кажуваат дека таа бројка на закони, де факто, е огромна.

Дали задолжувањето е „во интерес на финансиската состојба и директна помош“?

Повеќе од две недели партијата и преку лидерот Х. Мицкоски и преку потпретседателите (криејќи се зад дел од медиумите), како готова константа ја наведуваат бројката од 900 милиони евра задолжување планирано за покривање на дефицитот во Буџетот за до крајот на годинава, иако оваа бројка не е потврдена, туку досега само бројката од околу 600 милиони евра од првичните пресметки на Министерството за финансии. Задолжувањето или зајмењето пари, вклучувајќи и евентуална неповратна странска финансиска помош, не може да се случи ако не се поминат легалните процедури, а тоа значи одлука на Влада, предлог конкретен закон и негово усвојување во Собрание, потпис од Претседателот на РСМ и објавување во Службен весник.

Оваа процедура претходно би се одвивала и врз основа на пресметките за новиот ребаланс на Буџет за до крајот на 2022, кој исто мора да мине со иста процедура во Собранието. Со тие пари, дали 600, дали 900 милиони сеедно, можеби не се предвидува секогаш директна помош (субвенција на плати кај приватниот сектор да речеме), но се покриваат сите обврски на Буџетот кон граѓаните, почнувајќи од плати (за чие зголемување во милионски суми сега преговараат и штрајкуваат синдикатите), до исплата на пензии (кои на есен повторно треба да се коригираат согласно инфлацијата) и многу социјални надоместоци за десетици и десетици илјади корисници.

Се предвидува и ново учество на државата во покривање на реалните цени на електричната енергија, покривање на загубите од делот од намалувањето на ДДВ, дупката за дел од акцизата на нафтените деривати, за плаќање на итни позајмици на струја на МЕПСО, покривање на БЕГ и ТЕТО во делот на цената на гасот кога ќе дојде новата грејна сезона, итн, итн.  Тоа, иако не е директна во формална смисла на зборот, де факто е директна помош за граѓаните. Или измени на законите од енергетиката со кои на пример би се воспоставиле новите тарифни модели или законски измени за субвенционирање на фотоволтаиците за приватните компании за кои толку многу се зборува како голема помош во кризата, или некои измени на законите што ги регулираат странските инвестиции во земјата од каде што десетици илјади граѓани го вадат лебот и преку извоз на компаниите го крепат платниот биланс, а преку даноци го полнат и Буџетот. Сите овие закони би можеле да бидат оценети како закони кои не спаѓаат во „зелената листа на активната блокада“ на ВМРО-ДПМНЕ, а се од директно значење за граѓаните и стопанството.

Можност од нови „крвави понеделници или четвртоци“

Повеќето закони, вклучувајќи го и задолжувањето, и оној за ребалансот на Буџетот, се носат со мнозинство од 61 пратеник во Собранието и мнозинство во комисиите претходно. Но, дури и да „менаџираат“ Владата и пратениците на владејачкото мнозинство со итна постапка, не може за секој закон што е во финансиски интерес на граѓаните, а не е на листатата „директна помош“, да се очекува од пратениците на мнозинството да бидат подготвени да ги донесат „на мускули“. Односно, да бидат подготвени на директни конфликти во Собрание, кога, на пример, пратеници од опозицијата, дури и физички би ја блокирале говорницата и процедурите во некоја матична комисија или на „пленарка“, под превезот филибастеринг. Тоа едноставно ќе доведе до голема опасност од конфликт внатре во Собранието, што најмалку му оди во полза на граѓанинот.

Зашто, во право се оние како Џевдет Хајредини кои велат дека филибастерингот не е измислен од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но не треба да се заборави дека јавноста во земјава видела дека такви ситуации можат да донесат и „дешавки“ какви што беа „крвавиот понеделник“ и „крвавиот четврток“, што би ја довело Северна Македонија до состојба пред распад.

Дури и бавните реформи се „подобрување на финансиска состојба на граѓаните“

Патем, „активната блокада“ што ќе ја спроведува опозицијата, ќе ги засегне и онака бавните реформски процеси во правосудството, јавната администрација, големи делови од промена на дел од прописите што се однесуваат на фундаменталните права, а за некои од нив, тоа исто така значи „подобрување на финансиска состојба на граѓаните и директна помош“, што би рекол Николоски, иако можеби не изгледа така на прв поглед.

Квалитетно законско решение и примена макар и на пилот проектот за реорганизација на државната управа, што може да почне само преку измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа, може да значи вишок во буџетот од неколку десетици милиони евра, зашто би се споиле или укинале повеќе органи, можеби агенции, бироа, спојување на инспекторати, самостојни управи, итн.

Со блокирањето на стотина други ситни и неопходни измени на закони во само еден член за да може да биде воведена некоја нова електронска услуга, се блокираат стотици илјади, па и милиони евра што би завршиле кај граѓаните, затоа што тие нема да мораат да трошат време и пари за услуга што би ја добиле по електронски пат, би се намалила можноста за корупција преку злоупотреба на службата на шалтер, а би се вбризгало финансиски и во прашања од „зелената агенда“. А тие  е-услуги можат да бидат и од здравство и од правосудство и од социјална заштита, итн…

И дури и да не се во право Димитар Ковачевски кој рече дека не чека најлоша зима по Втората Светска Војна, или Стево Пендаровски кој вели дека опозицијата има право на блокади но одбрала лош тајминг, нема дилеми дека активната блокада носи потенцијално опасна нова кризна ситуација. А, исто така, нема дилеми дека зборовите на А. Николоски, дека „активната блокада“ нема да важи „исклучиво за закони кои се во интерес на подобрување на финансиската состојба на граѓаните и за директна помош на граѓаните“ е фраза, која де факто е спин.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и …