Ковачевски, домаќин на Ифтарска вечер: Обединети во вистинските вредности, градиме заедничка иднина

Ковачевски, домаќин на Ифтарска вечер: Обединети во вистинските вредности, градиме заедничка иднина

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, синоќа беше домаќин на Ифтарска вечер, на којашто присуствуваат поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул Улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаи, министри и членови во Владата на Република Северна Македонија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, пратеници, претседатели на политички партии, уредници и други гости.

„Во оваа Ифтарска вечер, седиме заедно на маса, го делиме лебот, споделуваме меѓусебна почит – и ова е најдобар одраз на вредностите кон коишто сме определени. Тоа е сплотеноста, во еднакво општество за сите, во кое што заедно ги надминуваме предизвиците и заедно ги отвораме перспективите, градиме иднина – за секој човек, за секое семејство, за нашата заедничка држава, којашто е наш заеднички дом“, порача премиерот Ковачевски.

Тој посочи дека годинава рамазанскиот пост се преклопува со велигденскиот пост, дека се пости различно, но дека пораките на двата верски празника – и на Рамазан и на Велигден, се исти.

„Да сакаме, да сочувствуваме едни со други, да простуваме, да имаме разбирање едни за други“, повика премиерот Ковачевски.

Рамазан, како што рече премиерот Ковачевски, се смета за месец на обнова на душата и телото, затоа што е шанса да се согледа и прифати вредното.

„Ифтарската вечер, којашто ги спојува членовите на семејствата, роднините, пријателите, којашто го слави заедништвото – е само потврда дека обединетоста е меѓу врвните вредности. Затоа што, секој сам можеби може. Но, сите заедно, сигурно можат – и повеќе и подобро.

Во пресрет на Рамазан Бајрам, ви пожелувам на сите добро здравје, спокој, радост во домовите. И да го чуваме и негуваме ова наше заедништво, во општеството по кое станавме пример и во регионот и во Европа, како се учи, работи, живее заедно, во мир.

Ви посакувам пријатен Ифтар и благодарам што сте тука“, се обрати на Ифтарската вечер до присутните, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.

Прочитајте повеќе

Талат Џафери: Има обиди за изборен инжинеринг

Талат Џафери: Има обиди за изборен инжинеринг

Имам добиено извештаи од учесниците во изборниот процес за вознемирување во однос на обиди за …