Кремљ во голем обем присутен во онлајн просторот во Северна Македонија

Кремљ во голем обем присутен во онлајн просторот во Северна Македонија

Руската пропаганда во земјава е со голем обем. Во ширењето се вклучени и „домашни актери“, оценува невладината МОСТ. Една од целите им е отпор против ЕУ и НАТО. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека има „руски ботови, аналитичари и платени политичари“ кои се против уставните измени.

Преку добро развиени и координирани мрежи на Фејсбук се засилува руската пропаганда, дезинформации и манипулација со информации во Северна Македонија.

Обемот на оваа пропаганда е голем, а пораките стигнуваат преку повеќе канали, повторувачки се и не се објективни, покажува студијата насловена „Една година од руската агресија врз Украина, студија за руската пропаганда, влијанија и дезинформации“, зад која стои граѓанската асоцијација МОСТ.

Во функција на ширење на руската пропаганда во земјава се вклучени и „домашни актери“, кои го овозможуваат и засилуваат тоа, или ги пренесуваат пораките.

Во истражувањето промовирано на 28 јули, се наведува дека преку социјалните мрежи се прокламира екстремно десничарска и националистичка идеологија што придонесува за промовирање националистичка, ксенофобична и нелиберална содржина која создава понатамошни поделби…

„Обемот, фреквенцијата и интензитетот на забележаните наративи покажуваат дека Северна Македонија и Балканот се високо на агендата на Кремљ, рече Росана Алексоска, од граѓанската асоцијација МОСТ, презентирајќи го истражувањето.

Росана Алексоска, Граѓанската асоцијација МОСТ
Росана Алексоска, Граѓанската асоцијација МОСТ

Таа вели дека студијата потврдува оти руските операции за влијание имаат за цел да поттикнат поделби во општеството, да ја поткопаат довербата во институциите и да предизвикаат вознемиреност кај граѓаните.

Истражувањето ja опфаќа првата година од руската агресија врз Украина, од 1 март лани, до 28 февруари годинава. Во тој период анализирани се четири илјади новинарски статии и 10 илјади статуси на Фејсбук.

„Студијата откри масовно пренесување и присуство на претставници на Кремљ во онлајн просторот во Северна Македонија, користење на медиумите под контрола на Руската држава како извори во статиите, проруски пораки од политичари во регионот, кои се исто така и руски сојузници, како и повеќе случаи на координирано масовно ширење на содржините на Фејсбук преку добро воспоставена и координирана руска инфраструктура“, вели Алексоска, која е уредник на студијата за руско влијание.

Се поттикнува отпор против ЕУ и НАТО

Руското влијание во земјава особено се прави преку промовирање на словенско-православното братство и црквата. На тој начин, вели Алексоска се имплицира дека немаме ништо заедничко со западниот свет, што, како што вели, апсолутно е неточно.

„А тоа е еден од начините преку кој се поттикнува и отпор против Европската унија и НАТО“, вели таа.

Словенско-црковниот наратив дополнително беше промовиран и преку посети на верски личности кои со претставници на Македонската православна црква -Охридска архиепископија одржаа и заедничка литургија, додава Алексоска.

Во јануари годинава, во посета на Македонија беше вториот човек на Руската православна црква, владиката Антониј. Неговата посета дојде во време на руска агресија во Украина, која македонската држава ја осуди и застана на страна на Украина, заедно со своите стратешки партнери. Посетата се случи и во време кога Македонската црква чека томос за автокефалност од Вселенската патријаршија. Рускиот владика одржа заедничка литургија со македонските владици, а на средбите беше присутен и рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин. По почетокот на руската инвазија на Украина, амбасадорот го нема на јавни настапи и на средби со македонските политичари. Два месеци по почетокот на агресијата, во април лани, тој се сретна со лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

Ковачевски – Руски ботови и платени политичари се против уставните измени

Во земјава во тек е процесот за уставни измени, со кои меѓудругото и Бугарите се внесуваат во Уставот. Измените се неопходни за да продолжи интеграцијата во Европската унија (ЕУ).

Токму за уставните измени „руските ботови и платени политичари и аналитичари“, шират лаги и хистерија дека со нив ќе се случи бугаризација и асимилација, вели премиерот Димитар Ковачевски.

„Тие тоа мора да го зборуваат заради финансиски средства“, рече премиерот на 28 јули, одговарајќи на новинарски прашања.

Државниот врв во неколку наврати досега посочуваше дека Москва финансира некои политички субјекти во Македонија и се меша во внатрешните работи на земјата.

Дека има луѓе во регионот и во Русија на кои не им одговара Северна Македонија да влезе во ЕУ, во април годинава порача и американскиот специјален пратеник Џејмс Рубин, при посетата на Скопје.

„Тие седат и размислуваат каков проблем да направат“, рече Рубин, посочувајќи дека Зпаден Балкан е „затруен“ од дезинформации од Русија и Кина.

По руската агресија на Украина, на 24 февруари 2022, Северна Македонија, како членка на НАТО и аспирантка за членство во Европската унија, се приклучи кон земјите кои ја осудија агресијата и воведоа санкции кон Руската федерација. Северна Македонија во неколку наврати ѝ додели и воена помош на Украина.

Алексоска препорачува институциите во земјава, но и академската фела, политичките партии, медиумите, граѓанките организации да го препознаат „малигното влијание на руското влијание“ во општеството и да се направи долгорочен план за справување со оваа појава.

Во земјата во моментов нема закони наменети конкретно за сузбивање дезинформации. Проблемот се решава главно со посредни, меки мерки како акциски планови на Владата, реформи во медиумите и унапредување на медиумската писменост.

Русија започна инвазија на Украина во февруари 2022 година, а во последните недели Украина започна контраофанзива. Глобалниот индекс за мир, кој го објави Институтот за економија и мир на 28 јуни, покажува дека руската инвазија на Украина однела најмалку 82.000 жртви. Експертите на Институтот проценуваат дека 65 отсто од украинските мажи на возраст меѓу 20 и 24 години или побегнале или биле убиени во војната. Повеќе од 30 отсто од украинското население станале бегалци или во својата земја или во странство.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден …