Лажна информација и конструирана содржина е наводната преписка меѓу премиерот Заев и измислен „разочаран член на владејачката партија“

Лажна информација и конструирана содржина е наводната преписка меѓу премиерот Заев и измислен „разочаран член на владејачката партија“

Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија категорично ја отфрла како неточна и конструирана наводната преписка на електронски канал за комуникација која се прикажува како наводно да била водена меѓу премиерот Зоран Заев и измислен „разочаран член на владејачката партија“.

Категорично тврдиме дека се работи за лажна вест, конструирана содржина, графичка манипулација која единствено има за цел да шири лаги и со тоа да наштети на угледот на премиерот Заев.

Најостро ја осудуваме оваа постапка со која се погазени принципите на професионалното новинарство и медиумот кој ја злоупотреби својата улогата со објавување на оваа невистина.

Канцеларијата на Претседателот на Владата на РСМ, во име на премиерот Заев ја повикува редакцијата на порталот „Лидер“ веднаш да ја повлече конструираната и лажна содржина објавена под наслов „ (ЕКСКЛУЗИВНО) Заев признава: Партиски вработивме 28.000 луѓе, вработувањата одат преку општинските!“ (https://lider.com.mk/makedonija/ekskluzivno-zaev-priznava-partiski-vrabotivme-28-000-lugje-vrabotuvanjata-odat-preku-opshtinskite/), како и да биде објавено извинување, согласно Член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Ја повикуваме редакцијата на порталот да ја објави оваа реакција од Канцеларијата на Претседателот на Владата на РСМ, врз основа на Членот 14 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во кој во ставот 1 од членот се вели дека „ако навредата или клеветата е сторена по пат на средство за јавно информирање или компјутерски систем, оштетениот има право да поднесе барање за објавување на одговор, демант или исправка во рок од седум дена од денот кога дознал дека е објавена, но не подоцна од еден месец од нејзиното објавување“.

Ве информираме дека доколку редакцијата на порталот не постапи согласно законските одредби, и доколку демантот не биде објавен во предвидениот рок, ќе следува Постапка за утврдување на одговорност и надоместување на штетата, согласно Член 19, Став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, пред надлежниот суд утврден со законот.

Истовремено ги повикуваме сите медиуми кои ја презедоа лажната медиумска содржина од порталот „Лидер“ веднаш да ја повлечат бидејќи со нејзиното преземање учествуваат во нејзиното ширење по пат на средство за јавно информирање или компјутерски систем.

Во оваа прилика сакаме да ја информираме јавноста дека  Владата на Република Северна Македонија интензивно работи на политиките и законски решенија за професионализација на администрацијата ослободена од партиски притисоци, и која своите професионални обврски ќе ги извршува без страв од одмазда и со достоинство на професионални службеници во интерес на граѓаните.

Прочитајте повеќе

уставен суд

Балансерот укинат, доаѓа нов Закон за правична застапеност

Претседателот на Уставен Дарко Костадиновски кажа дека балансерот како алатка е исцрпена и оти ги …