протест клинички

Лекарите на Клинички на протест побараа повисоки плати и решавање на хаосот со паркингот

На Клинички сега има 66 директори, 33 управни одбори и тука има голем одлив на пари, а со тие пари може да се покачат платите. Паркинот е рак рана, не може „Градски паркинг“ да го смета Клинички како место од кое ќе собира пари. Не може болничко возило со животозагрозувачки пациент да не може да дојде до Ургентен центар, рече д-р Предраг Серафимовски

„Егзодус на докторите и на медицинските сестри“, „Дали планирате уште некој генијален преглод закон со кој ќе ги намалите работничките права?“, се само дел од транспарентите со кои денеска, околу 200 доктори и медицински сестри од Клинички центар го искажаа својот револт пред зградата на Министерството за здравство, барајќи повисоки плати и подобри услови за работа.

Протестот го организира Синдикатот на Клинички центар, а се одржа во периодот од 10 до 10.30 часот, во време на паузата на здравствените работници. Откако протестот заврши, министерот Илир Демири ги повика на разговор претставниците на Синдикатот на средба.

Лекарите на протестот бараа да се трансформира работниот однос на договорците во неопределено време за да може да имаат пензиско и здравствено осигурување, а бараа да се реши и проблемот со специјализантите.

Д-р Предраг Серафимовски, претседателот на Самостојниот синдикат на Клинички кажа дека освен што бараат да се потпише анексот на колективниот договор изготвен уште во времето на Фатмир Меџити, бараат и 15 отсто зголемување на платата, заради минималната плата што се покачи во март месец.

„Проблемите со колективните договори мора да се решат. Уште во времето на Беким Сали се формираше работна комисија која имаше мандат од една година и тоа е скоро готова работа, усогласено е сè и по образование, по професии и усогласено е сè со Законот за работни односи и со Законот за здравствена заштита. Апелираме до овој министер да ја формира таа комисија, договорот да се стави на маса и да се потпише“, рече Серафимовски.

Уште еднаш побара од надлежните да го трансформираат Клинички центар, односно да се врати во една целина, со еден директор и еден управен одбор.

„Сега има 66 директори, 33 управни одбори и тука има голем одлив на пари, а со тие пари може да се покачат платите. Паркинот на Клинички исто така е рак рана, не може „Градски паркинг“ да го смета Клинички како место од кое ќе собира пари. Треба да има ред, да има контрола кој влегува, не може болничко возило со животозагрозувачки пациент да не може да дојде до Ургентен центар“, рече Серафимовски.

Даница Стојкова, медицинска сестра на Клиниката за гинекологија и акушерство зборуваше за проблемите на сестрите во Клиничкиот центар.

„Треба да се обрне внимание на соодносот доктор-сестра, ако некогаш беше 4 сестри на 1 доктор сега е обратно, има 4 доктори, а само една сестра. Треба да се поработи на валоризацијата на сестрите и на останатиот медицински персонал зашто платите не стигнуваат до никаде. Ако на некој не му стигнуваат 4 илјади евра за еден месец, замислете колку се 40 илјади денари за еден месец за едно семејство“, рече Стојкова.

Во однос на образованието на медицинскиот кадар, таа кажа дека на Клинички влегува несоодветен и неспособен медицински кадар.

„Тие се вработуваат со решенија, а нивната работа ја извршуваат вработените кои се доста повозрасни. Тука треба министерството да се запраша, како се вади тој кадар, зашто ниеден пациент не би сакал да биде примен од нестручни луѓе. Здравството мора да е на прво место. Одливот на доктори и медицински сестри, лаборанти е нормален, кога платата ни е како социјална помош. Во таков случај младите ја бараат иднината надвор“, додаде Стојкова.

Денешниот протест беше поддржан и од Самостојниот синдикат за здравство при ССМ. Тие заеднички ги повикаа сите политички партии да кажат што нудат и што ќе направат во јавното здравство во наредните четири години.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Талат Џафери: Има обиди за изборен инжинеринг

Талат Џафери: Има обиди за изборен инжинеринг

Имам добиено извештаи од учесниците во изборниот процес за вознемирување во однос на обиди за …