исчезнатата Вања

Мајката на исчезнатата Вања: Три дена се прашувам зошто баш нам ни се случи ова?!

Три дена се прашувам зошто баш нам да ни се случи ова, ние сме едно сосема нормално семејство, Вања беше примерна ученичка, фина со секого, никогаш не навлегуваше во проблеми“, вели Ѓорчевска, мајка на исчезнатата 14-годишна Вања

Зорица Ѓорчевска, мајката на исчезнатата 14-годишна Вања Ѓорчевска, веќе трет ден чека одговор каде и како ја снема нејзината ќерка, откако во понеделникот околу 7.20 часот изутрина се упати накај училиштето „Песталоци“, а потоа ѝ се изгуби трагата.

Целата јавност е на нозе, а масовно се споделуваат и апели за барање на ученичката од деветто одделение. Од МВР сè уште немаат никакви информации и велат дека интензивно се трага по девојчето. За нејзиното исчезнување се шират многу шпекулации, но ниту една верзија досега не е потврдена од надлежните.

„Ни мене не ми даваат одговори, во интерес на истрагата, но знам дека полицијата е максимално посветена. И јас одам во полициска станица по два пати дневно и верувам дека ќе успеат да ми го најдат детето“, вели Ѓорчевска за Мета.мк.

Таа вели дека буквално ѝ е страв да се сомнева во што било.

„Едноставно не знам, не можам да се сомневам, бидејќи чувствата ми се измешани. Животот на Вања беше отворена книга за мене, таа не криеше ништо. Но не знам, дете е, не знам. Три дена се прашувам зошто баш нам да ни се случи ова, ние сме едно сосема нормално семејство, Вања беше примерна ученичка, фина со секого, никогаш не навлегуваше во проблеми. Гледаме во јавноста се шират многу шпекулации, ни се навлегува во нашите животи, а најголем дел од тие работи не се точни“, вели Ѓорчевска.

Девојчето вчера и официјално беше објавено на веб-страницата на МВР како исчезнато лице.

Мајката на исчезнатата Вања: Три дена се прашувам зошто баш нам ни се случи ова?!
Фото: Принтскрин, МВР

Мајката во понеделникот информираше дека телефонот на нејзината ќерка бил исклучен веднаш откако таа се упатила кон училиштето „Песталоци“, околу 7.30 часот. Потоа, класниот раководител ја информирал дека нејзината ќерка не дошла на првиот час, иако од нејзиниот дом до училиштето имало само 7 минути пешки. Во 8.30 часот, Ѓорчевска го пријавила случајот во полиција.

Последниот сигнал од телефонот на Вања е лоциран на улицата „Партизанска“, во близина на кафулето „Броз“ и „Фитнес хаус“.

Мајката на исчезнатата Вања: Три дена се прашувам зошто баш нам ни се случи ова?!
Илустрација: Мета.мк

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера рече дека на нејзино пронаоѓање интензивно работи посебен тим формиран од СВР во Скопје.

Во изминатите години, од 2020 заклучно со 28 ноември годинава, од пријавените исчезнати лица, малолетни лица се 74, а пронајдени се 65 лица. Потрагата е активна за 6 деца, на возраст до 14 год.

Во врска со место на исчезнување на лицата, од Скопје се исчезнати 2 деца, а по едно од Штип, Куманово, Прилеп и Гевгелија.

„Околностите под кои се исчезнати лицата не укажуваат на можно киднапирање, согласно оперативните информации на МВР и пријавите доставени од страна на пријавителите. Најчесто се наоѓаат по место на исчезнување или во околните населени места“, велат од МВР.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Пендаровски и Џафери со честитки

Пендаровски и Џафери со честитки по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот

Фактот дека голем дел од развиените демократии денес се соочуваат со недостиг на работна сила, …