Српскиот таблоид „Ало“, инаку познат по „турбо-жолтите“ содржини и многу клеветнички содржини што се вон сите новинарски стандарди, притоа „бранејќи ја Србија“ и честопати навивајќи за Русија, вчера објави текст за оцрнување на македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, но и за Македонците воопшто.
Имено, по насловот „МАКЕДОНСКИОТ МИНИСТЕР ШОКИРАШЕ И ние помогнавме да се бомбардира Србија“, текстот на „Ало“ почнува со целосно непоткрепено тврдење дека „Македонците се среќни дека Србија била бомбардирана и се гордеат што придонеле за тоа“. Да биде појасно: во текстот се пласирани непоткрепени обвинувања дека Димитров се фалел на средбата на министрите за надворешни работи на НАТО по повод 70-годишнината од Северноатлантската алијанса, дека Македонија дала поддршка за бомбардирањето на СРЈ во 1999 година, односно дала логистика на НАТО, но никаде во текстот потоа не се образлага зошто Македонците се среќни, како што тврди текстот.
Да бидат работите уште поинтересни, текстот е илустриран со фотографија од премиерот Зоран Заев!
Но уште поголем проблем е спинувањето, односно извртувањето на познатите факти и клеветењето без сигурна поткрепа насочени кон министерот Димитров.
Таблоидот „Ало“, повикувајќи се на „наш извор“, кој воопшто не е поблиску определени и лесно може да биде целосно измислен, вели дека на средбата во Вашингтон, Димитров на своите колеги од НАТО им се фалел дека „Македонија здушно го поддржала бомбардирањето на Србија и СР Југославија“.
„Рече дури и дека Македонија дала логистика за НАТО агресијата на СРЈ во 1999 година“, гласи цитатот од изворот што „Ало“ не го наведува.
Извор: МЕТА