„Мамо си одиш, не ме оставај“, објавена публикација со дојави од самохрани мајки

„Мамо си одиш, не ме оставај“, објавена публикација со дојави од самохрани мајки

„Компилација мегафон 1: Анонимна реалност/дојави на еднородителски семејства и самохрани мајки во Република С. Македонија“, е името на публикацијата која неодамна ја објави здружението „Една може!“, а чија авторка е претседателката на здружението Дороти Пачкова. Целта на објавувањето на една ваква компилација од анонимни дојави на самохрани мајки и еднородителски семејства, е да се обелоденат предизвиците со кои се соочува денешната самохрана мајка.

Како што вели родовата експертка Пачкова, со ова, најголемо влијание очекува да се направи кон сите кои било кога стапуваат или ќе стапат во контакт со самохраните мајки.

„Ова женско писмо е мегафонот преку кој анонимните реалности на самохраните мајки, на оние на кои им се тресат колената и ден денес, допираат до широката јавност. Посебен придонес претендираме да направиме кон оние кои ги носат одлуките во државата, секој/а во сферата во која може да направи промена и да го крене гласот за овие жени, кои од осамостојување на земјата никогаш немале континуирани застапници/чки во владите, парламентот, институциите, па така се оставени самохраните мајки на самите маргини од оваа општествена заедница“, вели Пачкова.

Во публикацијата се содржани барања или проблеми кои ги пријавиле самохраните мајки во здружението. Најголем дел од нив се однесуваат на семејно насилство, насилство и по разделба, нарушени семејни односи, закани, одземање на дете, неисплатени алиментации и покрај судско решение. Еве само некои од анонимните искази на мајките објавени во публикацијата:

„Во голема заблуда сум незнам кој пат да го фатам. Не сакам да останам веќе со него, а седам заради децава, тие не можат без мене, големиот чувствува и плаче и кога одам на работа, ми вика „мама си одиш, не ме оставај“. Не можам да престанам да плачам колку сум немоќна. Посоветувајте ме што да правам да можам да си одам, а да не останам без децава.“

„Каде и како би можела да се обратам за некоја хуманитарна помош, искрено би ми помогнало се иначе јас сум самохрана мајка на два сина. Еден средношколец и другиот сега полуматурант кој не знам ни како ќе го спремам за полуматура. Јас сум невработена, живееме под кирија со социјална помош од 4.000 денари а јас одам како аргат работам, се’ буквално работам, чистам по туѓи куќи…“

„По долго чекање на огласот за социјални станови, излезе дека жителите од приградската општина немат право на стан, бидејки не се жители на градот од внатрешноста каде се градат становите. Сега кај да се обратам за социјален стан? Со мало тримесечно бебе сум, сама комплетно.“

„Здраво, самохрана мајка сум на два бебуши близнаци. Каде може да земам храна за нив?“

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Од ОБСЕ/ОДИХР велат дека гласачите имале простор за избор, но реториката станала многу негативна како …