Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска во гостувањето на македонското радио, во „Актуелно“, изјави дека уставните измени ги правиме како влог во нашето членство во ЕУ, односно во остварувањето на стратешка цел, а не за да задоволиме некој друг или за да оствариме или исполниме нечија желба или диктат.
– Наместо да се затвора, треба да се отвори дијалогот по ова прашање, и време е навистина после година дена препукување и пропаганда којашто нема никаква втемеленост во реалноста околу бугаризација и околу асимилација, околу загрозеност на нашиот идентитет, да седнеме и да разговараме за реалните потреби и реалните обврски за остварување на нашиот национален интерес, рече Маричиќ.
Тој посочи дека до членството во ЕУ ни остануваат уште многу обврски, но сме на добар пат да ги продолжиме преговорите, доколку ги направиме уставните измени, бидејќи според Маричиќ дијалогот започнал добро и ја преминал линија на табу околу гласањето и поддршката за внесувањето на Бугарите во Преамбулата и во нашиот Устав.
– Сите барања или услови на г-динот Мицкоски се вредни за разгледување, оние коишто имаат врска со реалноста, односно оние коишто се движат во преговарачката рамка. Одложеното дејство на уставните амандмани излегува од преговарачката рамка и не враќа повторно на маса да преговараме од ново и со ЕУ и со Бугарија околу условите. Тоа секако значи враќање многу чекори назад и мислам дека тоа не ни треба, но за сите други прашања околу формулата дали би влегле во широка Влада, кога, под кои услови, со кого, сето тоа е вредно да се разговара доколку тоа помага во ставот на ВМРО – ДПМНЕ да гласа за уставните измени, порача Маричиќ.
Тој за Радио Скопје кажа дека на нашиот евроинтеграциски пат имало и објективни и субјективни пречки, но смета дека изминатите 20 години е исто така „присутно заложништвото на европските интеграции од страна на партиските, бизнис интереси, па и личните интереси“.
– Да имаа храброст некој структури и политички и општествени и бизнис да притиснат или да работат на решавање на некои отворени прашања пред 20 или 30 години, денес ние сигурно ќе бевме членка на ЕУ. Ние го почнавме нашиот пат со Хрватска, 2005 година, свесни за сите ограничувања што ги носат билатералните спорови. Да сме имале услови или политичка волја за решавање на билатералните прашања во 90-те или во првата декада од 21 век, денес можеби ќе изгледавме сосема поинаку како држава, посочи Маричиќ.
Вицепремиерот појасни дека и Словенија имала билатерален спор со Италија, и Хрватска со Словенија, меѓутоа изнашле решение затоа што највисок приоритет му било членството во ЕУ и дека сите овие прашања можат да им се навратат или да побараат поинакви решенија од позиција на членка на ЕУ.
На прашањето што уште треба да направиме до членство во Унијата и дали 2030 година е реална за нашето конечно влегување во ЕУ, вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ рече дека има уште многу што да се прави во однос на усогласувањата и во внатрешниот пазар и во делот на животна средина, земјоделие, но дека имаме добра основа да ги завршиме преговорите во еден разумен рок, нормален рок од 4-5 години и да станеме членка 2030.
– Прво, најбитно е да го искористиме моментумот што се нуди, да ја препознаеме шансата, дека ЕУ после долго време е расположена да разговара за ново проширување. За да го искористиме тоа треба да ги направиме уставните измени, но и да направиме еден јасен план за сите задачи кои можеме да ги завршиме во наредните 4-5 години и да ги заклучиме преговорите, изјави Маричиќ за „Актуелно“, на македонското радио – Радио Скопје.