Филипче

Мерките што важеа во ковид пандемијата злоупотребени за антикампања на Филипче

Антивакциналното движење ја злоупотребува изборната кампања и испраќа манипулативни пораки до граѓаните: „ако сакате вакцини карантини и неработење, гласајте за Филипче“, иако сега веќе нема пандемија со коронавирусот и ковид вакцините и карантините воопшто не се актуелни, бидејќи нема потреба од епидемиолошки мерки какви што имаше во времето на ковид

Во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот и за глобалната пандемија, која имаше влијание врз целиот свет во поглед на економијата и бизнисот, а и неосновано се обвинува еден човек кој во тој период бил министер за здравство. Дополнително, вакцинацијата против ковид-19 во Македонија не е задолжителна и никогаш не била услов за некој да оди на работа. Антивакциналното движење ја злоупотребува изборната кампања и испраќа манипулативни пораки до граѓаните: „ако сакате вакцини карантини и неработење, гласајте за Филипче“, иако сега веќе нема пандемија со коронавирусот и ковид вакцините и карантините воопшто не се актуелни, бидејќи нема потреба од епидемиолошки мерки какви што имаше во времето на ковид, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која е крајно навредлива и во која пишува:

Само некој со тежок облик на шизофренија може овој манијак да го гласа.

Луѓето што пред три ипол години ви ги затвораа бизнисите поради корона, што ве банкротираа, што ве тераа да носите маски на отворено, што ви се закануваа со бркање од работа ако не се вакцинирате… Сега го бараат вашиот глас.

Потоа се споделува фотографија од поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, кој сега е носител на Изборна единица 4 и пишува:

Ако сакате карантини, вакцини и неработење, гласајте го Филипче, ИЕ 4.

Во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот, бидејќи за глобална пандемија која имаше влијание врз целиот свет во поглед на економијата и бизнисот, овде неосновано се обвинува еден човек кој во тој период бил министер за здравство. Тоа е манипулација.

Во земјава носењето маски на отворен простор траеше само додека епидемиолошката состојба тоа го налагаше и од оваа мерка имаше исклучоци, односно граѓаните не мораше да носат маска во кафулињата со протоколи, при спортување на отворено, при возење на приватен автомобил ако возачот е сам или со лица од семејството, во двор од семејна куќа, за деца до 6-годишна возраст, итн. Дали таа мерка била оправдана или не од оваа перспектива е тешко да се спори, зашто во тој период многу малку се знаеше за коронавирусот, како нов и неистражен, чии опасности тогаш не беа познати, за разлика од денес кога за вирусот знаеме многу повеќе. Но, во никој случај за ваква политичка одлука, донесена од страна на Владата, не може да се каже дека е донесена од „манијак“. Вакви слични или сосема исти мерки беа донесени во најголемиот број влади ширум светот. Не стануваше збор за мерка за која му текнало на тогашниот министер Венко Филипче или само на македонската влада. Значи ли тоа дека и министрите на огромен број од земјите во светот се исто „манијаци“? Ваквото тврдење е бесмислено, манипулативно и има силна политичка позадина.

Оваа мерка за носење маски на отворено не ја донесe сам тогашниот министер за здравство Филипче, туку целиот Кризен штаб и Владата во тоа време, составена од повеќе членови. Мерката стапи на сила на 29 октомври 2020 година, а беше укината на 1 јуни 2021 година.
Овие мерки беа со цел спречување на ширење на коронавирусот причинител на болеста Сарс Ков 2 и поради тоа што коронавирусот секојдневно одземаше животи во земјава и во светот, односно мерките беа донесени согласно Законот за заштита на населението од заразни болести. Иако во објавата што ја рецензираме се прави обид да се претстави Филипче како репресивен министер, кој им ги одзел правата на граѓаните, тоа, сепак, не е точно затоа што во тоа време сите мерки што се носеа во Македонија, а во функција на заштита од Сарс Ков 2, беа глобални мерки, односно веќе имплементирани во други држави и Македонија само ги пренесуваше странските искуства во нашиот контекст.

Дополнително, вакцинацијата против ковид-19 во Македонија не е задолжителна и никогаш не била услов за некој да оди на работа. Ваквата дезинформација дека на граѓаните им се „заканувале со губење на работното место“ беше пласирана и кога половина од македонското население не беше вакцинирано!

Во С. Македонија, никој не принудува никого да се вакцинира. Вакцината против ковид-19 беше и уште е доброволна и се дава писмена согласност пред да се администрира на кој било од здравствените вакцинални пунктови. И покрај тоа што вакциналната кампања беше сведена на ниво на апели, а не на принуда, одредени антивакцинални кругови од почетокот на вакциналната кампања правеа напори да ја окарактеризираат истата како репресивна или дека некој ги принудил да се вакцинираат.

Тоа не е точно! Доказот лежи и во официјалните податоци за вакцинирани граѓани од статистиките кои ги води Институтот за јавно здравје. Заклучно со 29 јануари 2022 година вакцинирани беа вкупно 866.227 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) до тој датум беа вкупно 842.917 лица, а со трета доза беа вакцинирани 128.268 лица. Работното место не е врзано за вакциналниот статус, барем во нашата држава. Во земјава уште има невакцинирани граѓани со ниту една доза против ковид-19 кои работат и не биле условени да се вакцинираат за да го задржат работното место. Апелите за вакцинација беа во смисла на тоа да се создаде колективен имунитет и со оглед на тоа што вакцините беа нарачани и бесплатни. Имаше предлог мерка вработените во јавната администрација да не може да влезат на работа без вакцинален сертификат или без ковид тест на секои 72 часа или без сертификат за прележаност, ама не беше изгласана. Мерката никогаш не стапи на сила.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот, односно една состојба на светска пандемија со ковид-19, која влијаеше негативно на економијата, бизнисот, социјалните врски, менталното здравје и многу други сфери од сечиј живот, се злоупотребува во изборна кампања. Исто така, се прави обид за целата ситуација да се обвини еден човек кој во тој момент бил министер за здравство и мерките ги гласал поради заштита на населението од заразната болест, заедно со другите министри во Владата и по препорака на Светската здравствена организација. Во објавата има и невистини, поточно кога се кажува дека вакцинацијата била задолжителна за да се задржи работното место, таква мерка воопшто не беше изгласана за јавниот сектор, а камоли за приватниот. Вакцинацијата во С. Македонија против ковид-19 беше и остана доброволна.

Самото тоа што мерките за заштита од заразната болест ковид-19 беа мерки што во еден временски период беа поврзани со изолација, избегнување на контакти меѓу луѓето и групни собири, ова негативно влијаеше на бизнисот и на менталното здравје. Но, овие мерки беа глобални, а не нешто што Филипче го правел на своја рака, туку во функција на јавниот интерес, односно заштитата на личното и на колективното здравје. Антивакциналното движење ја злоупотребува изборната кампања и испраќа манипулативни пораки до граѓаните: „ако сакате вакцини карантини и неработење, гласајте за Филипче“, иако сега веќе нема пандемија со коронавирусот и ковид вакцините и карантините воопшто не се актуелни, бидејќи нема потреба од епидемиолошки мерки какви што имаше во времето на ковид.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Како порталот Спутник, гласноговорник на Кремљ, известуваше за македонските избори?

Два лајт мотива беа содржани во најголемиот дел од анализите и текстовите за изборите во …