Мицкоски во среда повикува на протест, од СДСМ му возвраќаат дека е очаен губитник

Мицкоски во среда повикува на протест, од СДСМ му возвраќаат дека е очаен губитник

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција соопшти дека нивната партија почнува со протести што ќе се одржуваат во следниот период. Првиот тој го закажа за во среда од 18 часот, а повод е поскапувањето на струјата. Протестниот марш ќе го одржат од Министерството за правда до Регулаторната комисија за енергетика, а Мицкоски на учество ги повика не само членовите на неговата партија, туку и другите партии од опозицискиот фронт.

– Финалниот удар врз џебот на народот беше кога скришум, на шверцерски начин во текот на периодот на одморите ја покачија цената на струјата. И тоа ја качија цената на струјата создавајќи екстра профит за универзалниот снабдувач на електрична енергија – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој изјави дека Регулаторната комисија за енергетика е маша на власта, наведувајќи дека тие ќе ја повикаат и ќе бараат да се врати цената на струјата по старо. Мицкоски тврди дека пари има и цената на електричната енергија мора да биде вратена на старо.

Од владејачкиот СДСМ излегоа со реакција на пресот на Мицкоски, нарекувајќи го очаен губитник.

– Христијан Мицкоски продолжува со деструктивното, незрело и неодговорно однесување на штета на граѓаните, државата и европската иднина. Протестите што денеска ги најави, се последните обиди на Мицкоски за спас на неговата фотелја во Белиот дворец. Очаен и фрустриран од третиот последователен пораз од граѓаните, тој повторно ќе ги малтретира своите сопартијци по улиците како што тоа го правеше и претходно после секој пораз – изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Според неа, Мицкоски денес за струјата глуми загриженост, а истата за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ поскапила за 100 отсто и била укината евтината тарифа. Од СДСМ велат дека Христијан Мицкоски упорно не се откажува од определбата земјата да оди назад.

– Граѓаните на овие фер и демократски избори му упатија јасна порака на поразениот Мицкоски, го оставија во опозиција. Мицкоски нема поддршка од граѓаните и повторно нема да успее – изјави портпаролката на СДСМ, Кузеска.

Прашан за најавените протести, премиерот Зоран Заев рече дека „поривот што го гледа кај опозицијата е фрустрација зошто не се власт.“

„Без да дадат време да се види колку ќе бидеме успешни се гледа една грозотија од фрустрација – зошто не се власт,“ рече Заев.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Се враќаат старите и пониски цени на полисите за автомобилско осигурување

Се враќаат старите и пониски цени на полисите за автомобилско осигурување

Известувањата на осигурителните компании за зголемување на цените не содржеле финансиски анализи за изминати периоди, …