Мирува расчистувањето на депониите во ОХИС и велешка топилница

Мирува расчистувањето на депониите во ОХИС и велешка топилница

Расчистувањето на малата депонија со линдан во ОХИС и депонијата со згура на велешката топилница во моментов е во мирување. Двете најжешки еколошки точки во земјава се најголемите опасности за жителите и за животната средина на Скопје и Велес. Канцерогениот линдан е потврдено дека го има и во воздухот во главниот град и во водите на реката Вардар, а прашината со тешки метали се сретнува и во објекти оддалечени со километри од депонијата со троска.

Расчистувањето на двете локации ќе биде долгогодишен и сложен процес, а роковите за завршување и на двете жешки точки веројатно е дека ќе се менуваат. Како што информираат од Министерството за животна средина, во моментов за двете локации е во тек обезбедување на потребната документација за да може да продолжат работите на терен.

Во ОХИС завршени се два лота од малата депонија, од кои до сега се извезени 960 тони на HCH отпад и 92 тони на HCH контаминирана земја. Во текот на чистењето на малата депонија се покажа дека вториот базен е подлабок од првиот, што резултираше со дополнителни количини на отпад. Од Министерството велат дека за останатите три базени нема индикации дека се подлабоки, но доколку се случи тоа, дополнителните количини на отпад ќе бидат отстранети.

Мирува расчистувањето на депониите во ОХИС и велешка топилница
Фото: Мета.мк

„Во моментов изведувачот, компанијата Полиеко набавува заштитна опрема и буриња за пакување на отпадот, а во процедура е и одобрувањето на Планот за ремедијација. По одобрување на планот и обезбедувањето на материјалите, ќе продолжат теренските активности за чистење на третиот лот“, потврдуваат од Министерството.

Што се однесува до втората жешка точка, депонијата со тешки метали од Топилницата во Велес, во моментов во тек е подготовка на документација за проширување на дејноста на концесионерот Кепс Монт груп со дробење и мелење на техногената минерална суровина, пред да може да се извезе. Концесијата од Министерството за економија ја добија во мај 2019 година и важи седум години, а Б-интегрираната дозвола, која ја доделува Општината, е од октомври 2019 година и важи до октомври годинава, до кога е и рокот за целосно чистење и извоз на суровината. Сепак, за периодот што измина, извезени се минимални количини, а огромниот црн рид сè уште стои.

Од Министерството за животна средина потврдуваат дека постапката за новата документација на Кепс Монт груп е почната, но не се знае колку време ќе трае, бидејќи се чекаат мислења и од други институции пред да се донесе одлука.

Мирува расчистувањето на депониите во ОХИС и велешка топилница
Фото: Мета.мк

„Инвеститорот Кепс Монт груп достави Известување за намера за изведување на проект и утврдување на потребата од оцена на влијанието врз животната средина за проектот – Експлоатација на техногена минерална суровина (ТМС) на локалитетот “Баш колиби”, со поставување на постројка за дополнителни активности на дробење и мелење во Општина Велес. Известувањето за намера е доставено на дополнителни консултации до општина Велес и до Министерство за економија, а по комплетирање на мислењата ќе се продолжи со постапката“, информираат од Министерството за животна средина.

Известувањето на Кепс Монт груп е објавено и на интернет страницата на Општината Велес, а од Министерството за економија информираат дека во ноември минатата година имаат издадено Дозвола за изведување на рударски работи според дополнителен рударски проект.

„Со Дополнителниот рударски проект, кој е предмет на оваа дозвола, се создаваат основни предуслови за планска, сигурна и безбедна експлоатација на минералната суровина, во границите на експлоатационото поле дефинирано со Дозволата за експлоатација од 2019 година, преку примена на дисконтинуирана технологија за површинско откопување со едноставна технолошка шема која се состои од ископ на минералната суровина, товарање во приемен бункер, одвојување на минералната суровина од шутот настанат од дивата депонија која се наоѓа на просторот и припрема на истата за извоз и транспорт до крајните корисници“, велат од Министерство за економија.

Тие додаваат дека со оваа рударска работа не се врши преработка на минералната суровина, туку создавање на основни услови за припрема за извоз и транспорт, според Договорот за концесија.

Во меѓувреме, линданот и троската остануваат закана за животната средина во Скопје и во Велес. Проблемот со линданот во ОХИС нема да се реши со расчистувањето на малата депонија. Скопјани и понатаму ќе бидат во голема опасност од големата депонија и од најновата, во Пеленица, која е и надвор од кругот на некогашната фабрика. Од Министерството за животна средина веќе потврдија дека искуството од малата депонија ќе се пренесе и на решавањето на големата, која се претпоставува дека има меѓу 50.000 и 60.000 тони опасен отпад. Сепак, останува непознато како ќе се третира опасниот отпад од Пеленица.

„Големата депонија би се чистела на истиот начин како и малата депонија, додека за депонијата во Пеленица дополнително ќе се одреди начинот на нејзино чистење“, информираат од Министерството за животна средина.

Црниот рид со троска, пак, кој е во непосредна близина на Велес, на локацијата „Баш колиби”, е висок од 200 до 250 метри и длабок 22 метри. Иако индустрискиот капацитет одамна не работи, остатоците од тешки метали, како кадмиум, бакар, арсен, индиум и талиум, и понатаму се сретнуваат во почвата и земјоделските култури кои се одгледуваат во овој крај.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …