Петти ден не е достапна веб-страницата на Министерството за образование и наука (МОН) по хакерскиот напад што се случи во петокот навечер, а позади кој наводно стои грчки хакерски тим. Од саботата пристапот до веб-страницата на ова министерство е оневозможен, а до овој момент МОН не соопшти повеќе информации за нападот, освен што за неколку медиуми викендот информираше дека случајот е пријавен кај надлежните институции и дека работи на зајкнување на безбедноста на веб-страницата.
Мета.мк изминатиов период во неколку наврати пишуваше за паѓањето на интернет страницата на МОН, која за првпат стана недостапна на 18 август, по што во наредните денови повеќе пати „паѓаше“ и беше враќана во функција.
Новинската агенција Мета.мк и тогаш, а и вчера упати прашања до Министерството за образование за тоа кои се причините за зачестеното нефункционирање на нивниот сајт, но и дали е познато кој стои позади последниот хакерски напад кој предизвика овој државен орган веќе петти ден има нефункционална веб-страница. Прашавме и кој го одржува нивниот очигледно ранлив систем, но и каде студентите и учениците можат да црпат информации за тековните активности и конкурси на министерството, имајќи ги предвид роковите кои истекуваат деновиве, како оној на Конкурсот за сместување во студентските домови за студентите од прва година.
МОН ниту еднаш не одговори на нашите прашања, но денеска испрати соопштение до јавноста преку кое информираше дека сместувањето во студентски домови за бруцошите е во тек.
Согласно информациите на МОН, аплицирањето се врши електронски, преку поралот „е-услуги“, додека крајниот рок за аплицирање е 16 септември, петок.
На овој портал студентите-бруцоши можат да го најдат и Конкурсот кој од денеска е достапен и таму, како и потребните документи кои треба да се симнат, пополнат и повторно да се прикачат во апликацијата.
Конечниот список со примени студенти ќе биде објавен на 30 септември на огласните табли во студентските домови и на веб-страницата на МОН, која во моментов не е во функција.