МОН со засилени градежни активности во училиштата за време на летниот распуст

МОН со засилени градежни активности во училиштата за време на летниот распуст

Предвидени се реконструктивни активности во 50 училишни објекти во повеќе општини низ државата, а реконструкцијата се изведува со буџет од над 4,5 милиони евра

Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека ги интензивира градежните активности за време на летниот распуст на учениците, со цел, како што велат, заокружување на повеќе инфраструктурни инвестиции кои ќе значат подобрени услови во основните и средните училишта во новата учебна година.

Предвидени се реконструктивни активности во 50 училишни објекти во повеќе општини низ државата, а реконструкцијата се изведува со буџет од над 4,5 милиони евра.

„Средствата се обезбедени во буџетот на МОН преку одделението за капитални инвестиции, проектната единица за изградба на 145 спортски сали и рехабилитација на училишни објекти, а најголем дел од училиштата, односно 40 објекти ќе бидат опфатени со реконструктивни активности со поддршка од Светската банка која го финансира спроведувањето на Проектот за унапредување на основното образование“, соопштија од МОН.

Од министерството информираа дека градежните активности предвидуваат подобрување на условите за настава, подигнување на енергетската ефикасност на објектите, како и унапредување на санитетско-хигиенските услови и пристапноста на објектите за учениците и лицата со попреченост.

Меѓу училиштата каде што се предвидени градежни зафати летово се основните училишта „Мирче Ацев“ во село Лажани, општина Долнени, „Васил Главинов“ во Чаир, „Форино“ во Гостивар, „Ристе Ристески“ во дебарско Магорче, „Св. Наум Охридски“ во Пештани, Охрид, „Елпида Караманди“ во Битола, „Мирко Милевски“ во Кичево, „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“ во Куманово, како и средното техничко училиште „Гостивар“.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Полициска акција во затворот Идризово

Полициска акција во затворот Идризово

Во најголемиот затвор ,,Идризово” во Скопје, денеска биле извршени претреси. Од обвинителството ја потврдуваат акцијата, …