Кадровата комисија на ДОМ ја поддржа актуелната пратеничка Маја Морачанин за кандидат за претседател на партијата, како предлог од општински организации, МОДОМ, Форумот на жените и Извршниот одбор, по што предлогот ќе оди на конечно утврдување пред Централниот одбор, последен пред Конгресот на 28 октомври 2018 година, информираат од партијата.
Морачанин има дваесет годишно работно искуство во приватниот здравствен сектор, водејќи сопствена ординација за физикална медицина и рехабилитација како специјалист физијатар. Таа е дел од ДОМ е од самиот почеток, така што била активистка и потпретседателка на општинската организација во Карпош, потпретседателка и претседателка на Форумот на жени, портпарол и член на Извршниот одбор на партијата.
Доколку биде избрана на претстојниот конгрес на ДОМ, како што се очекува, таа треба да ја наследи долгогодишната претседателка Лиле Поповска, која претходно побара партиските колеги да не ја кандидираат за уште четврти претседателски мандат.
Извор: Фокус