Нацрт-амандманите за измена на Уставот на Република Македонија, согласно договорот од Преспа, во Собранието треба да стигнат до крајот на неделата. Во нив ќе бидат инкорпорирани и барањата на осумтемина пратеници од опозицијата, кои дадоа поддршка на отпочнувањето на процесот за уставни измени.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера рече дека пратениците од опозицијата кои дале поддршка за уставните измени, тоа го направиле по сопствена волја и оти со тоа ја отвориле евроатланската перспектива на Македонија.
Премиерот Зоран Заев, по средбата со осуммината пратеници од опозицијата кои дадоа поддршка за почнувањето на уставните измени, истакна дека во нив можат да бидат вградени и барањата на овие пратеници за подобрување на договорот.
– Темата на консултативната седница беше постапката на изготвувањето на нацрт-амандманите. Разговараме токму за оние први три точки од вкупно четири коишто беа испорачани до мене како претседател на Владата и до Владата како правно формални изготвувачи на нацрт-амандманите, да бидат вградени токму оние елементи коишто исто така се важни за нив. Можам да констатирам дека во тој дел на дебата изнајдовме конкретни насоки коишто ни беа дадени нам како изготвувачи на нацрт-амандманите – рече Заев по вчерашната средба.
Биле усогласени конкретни насоки – делот за зајакнување на македонскиот идентитет, гаранцијата дека процесот ќе биде истеран до крај и нема да биде повторно блокиран од Грција, односно дека уставните амандмани ќе влезат во сила со ратификацијата во грчкиот Парламент и во делот на внатрешната примена на новото име.
На прашањето дали е потребна консултација со грчката влада, Заев рече дека тоа не го предвидува договорот од Преспа, но во духот на договореното кога ќе биде дефинирано се ќе биде исконсултирана и грчката страна.
Пратеникот Зеќир Рамчиловиќ по средбата потврди дека се разговарало за барањата што ги упати оваа група пратеници по поддршката на отворањето на процесот за уставни измени.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, синоќа во гостување на телевизија „Телма“ рече дека Охридскиот рамковен договор е решение за мултиетничка Македонија и дека тој треба да стои во преамбулата на Уставот.
Извор: МЕТА