Навраќање на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците

Навраќање на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците

Сега сите демантираат дека знаат нешто околу соблазната со нон-пејперот. Кој би можел да биде тој „фантом од операта“ кој го крена на нозе регионот? Ако не може да се дознае авторот, тогаш каква би можела да биде целта? 

Пишува: Љупчо Поповски

Толкувајќи го загадочниот нон-пејпер за иднината на регионот, наводно испратен од словенечкиот премиер Јанез Јанша, некој ќе рече дека каде што има чад таму има и оган. Тоа се докажало стотици пати во регионот. Некој ќе го оквалификува како извонредна разузнавачка алатка да ги вознемири сите можни страсти на Балканот и да ги зоврие политичките кујни. Некој тоа ќе го оквалификува едноставно како глупост врз која наседнале политичките, општествените и интелектуалните елити во регионот. Во дипломатијата нон-пејпер не се потврдува дека постои (таков е и буквалниот превод), па затоа во Брисел велат дека нема да коментираат документ којшто официјално го нема (иако можеби е напишан и доставен). Детективските аналитичари и новинари се обидуваат да влезат во трагата каде би можело да му биде доставен ваков документ на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Во февруари, кога беше во Варшава на годишнината од формирањето на Вишеградската група? На почетокот на овој месец, по средбата на 1 април на десничарското популистичко трио во Будимпешта – Виктор Орбан, Матеуш Моравјецки (полскиот премиер) и Италијанецот Матео Салвини, каде најавија дека се подготвува создавање нова десничарска групација во ЕУ? Или пак некои тајни писмоносци искористиле некоја друга можност порано пред овие датуми?

Сега сите демантираат дека знаат нешто за оваа соблазна: и Јанез Јанша, и словенечкиот претседател Борут Пахор, и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Јанша вчера му се јавил на членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, да му соопшти дека не постои нон-пејпер што би можел да се поврзе со словенечката влада и дека Словенија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ. Во детективската истрага се вклучил и лидерот на македонската опозиција, Христијан Мицкоски, кој сношти за Канал 5 изјави дека лично Јанша му соопштил оти нон-пејперот го подготвиле тројца левичарски политичари – Зоран Заев, Тонино Пицула и Тања Фајон.

Што се знае?

Настрана фантазмагориите. За две работи сигурно се знае. Првата, дека Борут Пахор за време на посетата на Сараево на 5 март ги прашал тројцата членови на Претседателството што мислат за можен „мирен распад“ на БиХ и дека словенечкиот претседател, наводно, бил против таков развој на настаните.

Втората е дека минатиот месец хрватското Министерство за надворешни работи беше цитирано оти Загреб е „двигател“ на иницијативата за изготвување нон-пејпер за истакнување на Босна „како важно прашање за Европската унија, што треба да биде повидливо на геополитичкиот простор во Југоисточна Европа“. И дека со реформа на изборното законодавство пред изборите идната година треба да се подобри „расцепканиот политички пејзаж и атмосферата на недоверба“ меѓу босанските народи. Како и дека таквата иницијатива за нон-пејпер ја потпишале и Словенија, Бугарија, Кипар, Грција и Унгарија. Сите тие земји во тоа време ги водеа влади чии премиери се дел од десничарската Европска народна партија (подоцна партијата на Орбан сама излезе од ЕПП). Ако тргнеме од оваа идеја на Загреб, произлегува дека до целата оваа ужасна врева е дојдено по иницијатива на Хрватска – да се создаде уште еден правен и уставен ентитет во БиХ наместо постојните два и да се променат основите на Дејтонскиот договор, чиј главен гарант се САД. А во крајна линија, хрватските кантони да се припојат кон Хрватска, а потоа логично ќе биде и Република Српска да стане дел од Србија.

Не е овој, не е оној, па тогаш кој би можел да биде тој „фантом од операта“ кој го крена на нозе регионот? Ако не може да се дознае авторот, тогаш какви би можеле да бидат целите. Ако политички трезвено се размислува, каква корист би имала Словенија пред почетокот на нејзиното претседателство со ЕУ од 1 јули со што ќе ги уништи сите нејзини подготовки и планираниот самит на Унијата и Западен Балкан? Угледот на Јанша во ЕУ е спуштен на најниски точки откако тој самиот се проектира во она што многумина го нарекуваат „малиот Орбан“ и неговата влада ја построи во низата на малкуте пострамповски илиберални раководства во Европа.

Извор: DW

Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден …