Не биди Мира!

Не биди Мира!

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Оваа недела ја одбележаа многу настани, кои како што љубат да кажат политичките актери, се историски. Но, јас ќе пишувам за “случајот Мира“ и за позитивниот исход по нејзините неодговорни постапки. Да, да, има нешто што е навистина позитивно во сето ова. Колку што сме во тек со работите, во семејството на Мира не остана невработен. Нема да ѝ честитам, но ќе им честитам на сите оние кои реагираа експлозивно и критички и без разлика која политичка опција ја поддржуваат – гласно, јасно и симпатично покажаа дека, таквите како Мира, не ни требаат за да спроведуваме реформи кон подобро.

Симптомите за тотален “умоцид“ поради централизираното владеење на долг временски период многу јасно испливаа на површина. Така, кога еден поранешен функционер на СДСМ напиша критика за актуелната власт, тоа за многумина беше вистинско изненадување! Коментарите беа во стилот: „Баш ме чуди, тој е од СДСМ, а коментира против!?”. Ова ја покажува нашата сеприсутна умствена стерилност и непрепознавање на критичката мисла како можност за создавање на здраво општествено ткиво. “Заболувањето“ е метастазирано, па оздравувањето и обновувањето може да се случи само и само преку здрава, рационална критичка мисла. И тоа посебно кон “нашите”, што важи за симпатизерите на сите политички партии. Доколку јас сум симпатизер на СДСМ и ја поддржам Мира во нејзиното фамилијарно унапредување на сметка на јавниот интерес, тогаш јас сум деловно неспособна личност!

Самокритичноста, односно критиката на “нашите” (важи и за семејство, партија, средина во која егзистираме..), е неопходна за развој и за поставување на реални вредности. Не велам “воспоставени“, бидејќи ајде да видиме што ќе се случеше ако Мира беше пратеник пред 15 години и ако тогаш, како сега, си ја вработеше целата фамилија? Како прво, информацијата немаше да допре во таа мера до јавноста како денес, а второ, дури и во случај да допреше, повеќето ќе кажеа: „Па ако не си ги вработи нејзините, кого друг, нормално е кога си во медот да сркнеш!”.

Е па луѓе мои, не е нормално да си Мира!

Аристотел, морам да го споменам, одамна кажал дека со политика треба да се занимаваат најдоблесните. Што е доблест? Здраво просудување, храброст, самодисциплина, праведност, сочувство, истрајност, чесност, понизност и лојалност, се поздравени како доблести во секое време. Доблеста е дефинирана и како “приспособување кон некое мерило за исправно“. Ова за многумина е премногу, не пак за Мира…

Она што мене ме радува, е што социјалните медиуми реално, не секогаш исправно, но сепак ефикасно влијаат за подигнување на свеста и критичката мисла и поттикнуваат реакција кај политичките актери. Не само што ова предолго го немавме, туку реална последица од пасивноста е што и денес многумина викаат “џабе, џабе сите реакции, тие пак си тераат по свое!“ Јас не мислам така! Не мислам дека некој кој ја има Мира во своите редови, ќе ја остави дополнително да му го уништува рејтингот. Убедена сум дека во сите политички партии, некаде повеќе некаде помалку, има минимум здраво ткиво кое не иди на израз од “заболеното”, она кое опустоши и уништи генерации и генерации. Не можеме да продолжиме на таков начин од многу едноставна причина – не ни останаа граѓани кои можат да бидат продуктивни во општествена смисла, а кои и понатаму би поднесувале такви постапки.

Има една анегдота… По војната во Босна, седнал некој човек да пие кафе и му се обратил на келнерот прво на босански: „Molim, kafu”. Келнерот не реагирал, човекот си рекол, ај да пробам на хрватски: „Molim kavu”. Ниту овој пат келнерот не реагирал, па човекот решил да си ја проба среќата на српски: „Молим вас, кафу”. Бидејќи келнерот ни овој пат не реагирал, гостинот во кафеаната помислил дека можеби треба да глуми странец за да биде послужен: „Coffee, please”. На тоа келнерот му одговорил: „Nema vodе, prijatelju!”.

Наравоучение: Да не се доведеме до ситуација “да нема вода”. Затоа не си играјте, не бидете Мира!

Прочитајте повеќе

Камшикот, од блиску дојде

Камшикот, од блиску дојде

Сумираната парола од вчерашните избори е „ви помина ли меракот?” Бидејќи, Македонија вчера гласаше „против“. …