Во старата прочистителна станица во село Тработивиште од каде се преработува водата за пиење за Делчево и околните села, за прв пат по 25 години се поставува активен јаглен, а исто така и прв пат целосно се заменува кварцниот песок со нов. Оваа инвестиција е вредна околу 11.000 евра и е на товар на Општина Делчево.
Градоначалникот Горан Трајковски денеска направи увид во текот на работите при што истакна дека оваа инвестиција е локален придонес на Општина Делчево во рамките на големиот проект „Водоснабдување на Делчево“ кој Општина Делчево го имплементира со поддршка на швајцарски консултанти.
– Набавени се над 18 тони кварцен песок и 2,5 тони активен јаглен и во оваа прилика мора да забележам дека за прв пат по 25 години или од кога е пуштена во употреба прочистителната станица од каде со вода се снабдува Делчево и околните населени места, се менува активниот јаглен, а за прв пат и комплетно се менува кварцниот песок. Очекувам оваа инвестиција да го подобри квалитетот на водата за пиење во Делчево и да ги задоволи потребите до пуштањето во употреба на новата прочистителна станица за вода во рамките на проектот „Водоснабдување на Делчево“ кој го работиме со швајцарските консултанти и со чија имплементација Делчево и селата Габрово и Ѕвегор, но и Вирче, целосно ќе го решат проблемот со квалитетот и количините на водата за пиење, истакна Трајковски.
Во претходниот период во партнерсво со ЈПКД „Брегалница“ беше извршено чистење и санирање на бунарите за вода кои беа оставени на забот на времето, а беше инсталирана и нов зафат и дренажа во с. Разловци .
-Со овие активности обезбедуваме чиста вода за пиење и доволно вода за сите граѓани. Проблемите ги решаваме плански и одговорно и како градоначалник, посебно, не ги ставам под тепих проблемите кои имаат директно влијание врз здравјето на граѓаните, рече Трајковски.