Обраќање на Елизабета Ѓоргиевска на конференцијата за здравство „Подобрување на пристапот до лекови за сите“

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на првата конференција за здравство „Подобрување на пристапот до лекови за сите“, во организација на Американската стопанска комора на Северна Македонија.

Еднодневната конференција посветена на унапредување на здравствениот систем во Северна Македонија овозможува размена на мислења, информации и ставови на релевантните чинители од оваа област, носителите на одлуки, здравствените работници и експерти, организациите на пациенти, меѓународните организации, универзитетите, невладините организации.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска:

Почитувани присутни,

Чест ми е да се обратам на оваа прва здравствена конференција на Американската стопанска комора во Северна Македонија посветена на пристапот до лекови.

Смислата на постоењето на здравствениот систем е грижата за здравјето и животот на пациентите. Фундаменталното човеково право на здравје и на здравствена заштита подразбира и непречен пристап до неопходните лекови.

Како никогаш до сега, драматичниот напредок на медицината и фармацијата создаде можности за успешно лекување на огромен број болести. Новите генерации иновативни лекови го овозможуваат она што пред само неколку години беше незамисливо. Но, позитивните ефекти од овој голем потенцијал не ги чувствуваат сите подеднакво, поради нееднаквиот пристап до лекови. Многу лекови, дури и да се достапни, се честопати прескапи за животниот стандард на македонските граѓани.

Ценети присутни,

Американската стопанска комора, како општествено одговорна организација, помага во олеснување на проблемот со пристапот до лекови. Благодарност до AmCham помага на надлежните институции, а преку тоа најмногу на нашите граѓани.

Неусогласеноста со европските директиви и нефункционалноста на системот за утврдување и донесување на позитивната листа на лекови се едни од основните причини. Новиот закон за лекови за жал се уште не е усвоен. Оттука, не треба да не изненадува што Северна Македонија е на последно место во Европа според достапноста на оригинаторни и иновативни лекови за пациентите. Здравствената, економската и енергетската криза ги зголемија трошоците за производство и дистрибуција, а со тоа и цените на лековите, продлабочувајќи ја нееднаквоста во пристапот до лекови, особено за најранливите меѓу нас.

Иако Министерството за здравство, изминативе години во повеќе наврати излезе во пресрет, со интервентни набавки на неопходните лекови за пациентите што страдаат од малигни заболувања, хемофилија, мултиплекс склероза, дијабетeс и ретки болести, сепак ваквиот пристап, базиран на добра волја, а не системско решение на долг рок е неодржлив, бидејќи не обезбедува сигурност за пациентите и доверба во институциите.

Почитувани,

Здравјето на граѓаните е скапоцено и ранливо. Таа ранливост не смее да биде шанса за профит заради системски слабости. За време на пандемијата посведочивме дека за животите на најблиските сме подготвени да дадеме сѐ што имаме, па и тоа што го немаме. Институциите не смеат да дозволат граѓаните да бидат доведени во состојба да избираат меѓу живот и сиромаштија, меѓу здравје и задолженост. За жал, многу често, токму тоа се случуваше. Дури 40% од трошоците за здравствена заштита пациентите ги плаќаат од својот џеб, од кои 80% се за лекови.

Овој проблем има и друга димензија што не смее да се занемари. Тоа е прекумерното или дури и непотребно препишување лекови, особено антибиотици и антидепресиви. Или, правењето на залихи од одредени медикаменти, на штета на другите пациенти. Сето тоа се должи на нарушената доверба на граѓаните во здравствениот систем, како јавниот, така и приватниот.

Правото на здравствена заштита според Уставот е гарантирано и државата мора да им го овозможи ова право на сите граѓани. Во основа на здравствениот систем треба да биде увереноста дека пациентите мора да бидат третирани со најголема можна грижа, без да се грижат дали можат да си го дозволат тоа или не.

Долгорочно решение на овој проблем е воспоставување на систем за редовно ажурирање на позитивната листа на лекови на отворен и транспарентен начин. За тоа е потребен нов закон, нова уредба, па и овозможување на посебни договори за иновативни лекови. Ова ќе биде од полза за сите засегнати страни. Државата ќе може долгорочно да го планира и распледелува буџетот. Пациентите ќе имаат континуиран и загарантиран пристап до најновите и најефективните лекови. Лекарите ќе можат да го изберат и препишат најсоодветниот лек за секој пациент. Воедно, со тоа ќе се усогласиме со стандардите и директивите на ЕУ како дел од преговорите за членство.

Токму во тоа се состои и важноста на денешната конференција. Вие правите чекор за пример во мултисекторската соработка која треба да помогне во изнаоѓање на најдобри можни и остварливи здравствени политики за добробитта на сите граѓани. Здравството е последниот сектор каде треба да се штеди, бидејќи тоа постои за да го чува и заштитува токму она што нема цена – а тоа е човечкиот живот.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …