Обраќање на претседателот Пендаровски на втората годишна конференција „Скопје економски и финансиски форум“

Обраќање на претседателот Пендаровски на втората годишна конференција „Скопје економски и финансиски форум“

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на втората годишна конференција „Скопје економски и финансиски форум“ на тема „Одржување на растот во време на неизвесност и потоа“, организирана од Министерството за финансии на Република Северна Македонија.
Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.
Почитувани присутни,
Пред неколку дена учествував на Светскиот економски форум во Давос, каде во фокусот беше дилемата како да се одржи растот во време на неизвесност и како да се планира идниот раст. Нашава денешна тема во себе содржи два слични аспекти. Првиот се фокусира на ургентното и го наметнува прашањето какви краткорочни мерки треба да преземеме за да ја одржиме макроекономската стабилност и да ги амортизираме шоковите предизвикани од глобалните геополитички турбуленции.
Вториот аспект се фокусира на среднорочните и долгорочните проекции и планови за одржување на растот. Притоа, клучно е прашањето дали ќе имаме период на смирување и нормализација, или ќе треба да научиме да функционираме во услови на постојана неизвесност поради симултаните кризи.
Ако фрлиме поглед само врз последните 20-тина години ќе забележиме дека економските, еколошките, социјалните и безбедносните кризи со кои се соочува човештвото се зголемија и по бројност, и по интензитет и по својата комплексност и влијание. Од терористичките напади на САД во 2001-та, преку глобалната економска криза од 2008-та, арапската пролет од 2011-та, бегалската и мигрантска криза од 2015-та и 2016-та, па се до пандемијата на КОВИД-19, не сме имале подолг период без сериозни кризи.
Истовремено, глобалните мегатрендови како што се дигитализацијата, климатските промени и растечката нееднаквост, драстично ги менуваат правилата по кои функционираат индустријата и пазарот на трудот. Пандемијата ги компресираше овие мегатрендови и ни го скрати времето што мислевме дека го имаме за да ги спроведеме политиките поврзани со Целите за одржлив развој. Имаме забавен економскиот раст, зголемување на инфлацијата, на цените и на јавниот долг и продлабочување на нееднаквоста меѓу државите, но, и внатре во самите држави. Руската инвазија врз Украина прекина витални синџири за набавка, предизвика енергетска криза и пореметување на пазарите за храна.
Поради брзите промени многу извештаи и стратегии застаруваат уште пред да бидат објавени. Затоа, ако гледаме на иднината низ призмата на досегашното искуство, најдобро е да се подготвиме и да изградиме модел на економски раст што ќе биде отпорен на кризи.
Неодамна основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб изнесе квалификација дека кризите ги откриваат системските слабости, и дека токму од одговорот на кризите произлегуваат решенија што стануваат основа за идниот развој. Во таа смисла, во периоди на нарушување на нормалноста, отпорноста зависи од две работи: од нашата адаптибилност и одлучност.
Старата парадигма често им пристапуваше на прашањата на развојот, одржливоста и инклузивноста како на посебни сфери. Како резултат имавме компромисни политики што, на пример, се фокусираа на растот на сметка на еколошката одржливост и економската правичност, или, пак, на еколошка одржливост, но, по цена на развојот и социјалната правда. Според новата парадигма, овие три димензии се меѓузависни и треба да се форсираат истовремено. Растот треба да биде и одржлив кон животната средина, но и инклузивен, намалувајќи ја социјалната нееднаквост.
Се разбира денес, нашиот примарен фокус е на економскиот раст на Северна Македонија и на регионот. Оттука, и нашиот одговор треба да соодветствува со македонските специфики. Во таа насока, уште на почетокот на мојот мандат ја иницирав Рамката за развој МКД2030 како заедничка платформа за долгорочна визија за иднината на државата. Целта беше да добиеме надпартиски, национален консензус околу приоритетите неопходни за напредок и подобар живот на граѓаните.
Овој стратешки документ официјално ќе го промовираме наредниот месец. Во оваа прилика би сакал, сосема на кратко да ги споделам со вас неговите четири развојни приоритети.
Првиот приоритет е забрзување на економскиот раст од најмалку 5% годишно. Императив е да ја зголемиме продуктивноста и конкурентноста на националната економија преку структурна трансформација на стопанството и модерни технолошки решенија како главни двигатели во производните и услужните дејности. Ќе треба да поттикнуваме нови инвестиции, да ја намалуваме сивата економија и да обезбедиме флексибилен и динамичен пазар на трудот.
Вториот приоритет е повисока заштита на животната средина и редефинирање на македонската енергетска политика со цел подобро да одговори на внатрешните барања и екстерните шокови.
Трето, сеопфатна дигитализација која ќе отвори простор за инвестиции и нови работни места. Според најновиот извештај на Светската банка за глобалните економски перспективи, еден од најважните чекори кон намалување на нееднаквоста е дигиталната иновација. Затоа, до крајот на оваа деценија ќе мора да го заокружиме системот на дигитална економија и да вложуваме многу повеќе во развојот на македонскиот ИТ сектор.
Четвртиот приоритет е образованието и инклузивниот развој. За да го спречиме одливот на млади луѓе од земјава, потребни се системски зафати за да креираме сеопфатно, квалитетно и дигитализирано образование, прилагодено на современите светски трендови и на пазарот на трудот. Мора да вложуваме во секоја етапа на образованието, да ја зајакнеме релацијата меѓу образовните институции и компаниите со цел да ја подигнеме функционалната писменост меѓу дипломираните ученици и студенти.
Во согласност со современата холистичка парадигма на растот, овие четири приоритети ќе мора да се спроведуваат истовремено. Во овој голем потфат свој придонес ќе треба да дадат сите сегменти на македонското општество, од државните институции, политичките фактори, приватниот и граѓанскиот сектор, како и академската заедница.
Почитувани присутни,
Доколку сакаме одржлив напредок, прв приоритет е да го преобмислиме моделот на економскиот развој, и се разбира, доколку нашата амбиција не е само да опстанеме, туку и да напредуваме. Можеби краткорочно некои од овие политики ќе бидат болни, но долгорочно се неопходни и корисни. Верувам дека доколку ги исполниме овие приоритети, не само што ќе го пребродиме овој турбулентен период со помалку загуби, туку и ќе успееме да создадеме услови за одржлив раст и во услови на неизвесност, а и потоа. Тоа е наша обврска не само кон компаниите, туку и кон сегашните и кон идните генерации.

Прочитајте повеќе

земјотрес

Во Берово и Пехчево почуствуван земјотрес со јачина од 3,2 степени

Според досегашните податоци, земјотресот е почувствуван од жителите овие подрачја, а интензитетот се движи од …