маркет цени леб

Од денеска не важат замрзнатите цени на дел од основните прехранбени продукти

Владината одлука за замрзнување на цените за дел од основните прехранбени продукти престанува да важи од денеска.

Министерот за економија Крешник Бектеши пред два дена изјави дека нема да ја продолжи мерката, со оглед на тоа што инфлацијата во делот на прехранбените производи нагло се намалува.

„Нема да продолжи мерката за замрзнување на цените на земјоделските производи, имајќи предвид дека цената на одредени производи веќе е пониска од утврденото ниво. Инфлацијата во делот на прехранбените производи нагло се намалува, така што очекуваме во јуни инфлацијата во земјата да биде пониска од десет насто“, рече Бектеши. 

Со неколку владини одлуки, во последниве два месеца, беа замрзнати цените на некои земјоделски производи, белиот и полубелиот леб, брашното, маслото за јадење, јајцата, оризот, тестенините, млекото и млечните производи. Замрзнати беа и цените на пелените, тоалетната хартија, влажните марамчиња и хигиенските влошки.

Очекувањето на Министерството за економија е инфлацијата во јуни да биде пониска за 10 отсто, а властите велат дека добиле и гаранции од деловната заедница дека нема да има големи промени на цените.

„Сите предуслови за да останат цените на исто ниво, а можеби дури и да бидат помали се направени, сите претходни услови што беа креирани за да се зголемат цените сега ги нема, а електричната енергија не е на цената на којашто беше. Цената на суровини на светските берзи е намалена. Тоа значи дека и тие што произведуваат, но и тие што тргуваат, имаат услови реално да ги задржат намалените цени, како што беа замрзнатите цени, дури и да бидат намалени. Ние видовме дека на пазарот со зеленчук, природно се намалија дури за 40 проценти од замрзнатите цени и затоа одлуката е да се одмрзнат“, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Првата одлука за замрзнување на цените беше донесена на 28 февруари кога се замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, а потоа на 16 март Владата донесе одлука да се замрзнат и цените на дел од тестенините и млечните производи. На 21 март стапи во сила и одлуката за замрзнување на цените на оризот и јајцата, додека на 5 април беа замрзнати цените и на 11-те видови овошје и зеленчук.

Државниот пазарен инспекторат преку зголемен број контроли на терен вршеше проверки за почитувањето или непочитувањето на владините мерки.

Последниот податок од ДПИ беше дека за една недела, биле извршени над 170 надзори, а инспекторатот издал 53 прекршочни платни налози во вредност од над 1,1 милион денари за непочитувањето на замрзнатите цени.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Народна банка

Народна банка обезбеди стабилност на денарот, инфлациските движења и банкарскиот сектор

Народната банка води соодветни политики, кои придонесоа за стабилизација на инфлацијата, курсот на денарот и …