насилство

Од јануари до ноември стотина жени пријавиле дека биле малтретирани

Од почетокот на пандемијата на ковид-19 е зголемено семејното насилство заради тоа што многу од семејствата останаа затворени во домовите, велат во Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Во пресрет на крајот на кампањата за шестнаесетдневен активизам против родово базираното насилство која завршува денеска, Мета.мк поразговара со Цветанка Камчева Златева, менаџерка на женскиот центар за поддршка на жени жртви, кој функционира во рамки на Националната мрежа.

„Од почетокот на оваа година досега насилство во Националната мрежа пријавиле околу 100 жени. Од нив 30 отсто рекле дека претрпеле психичко насилство, 45 отсто – физичко, 10 отсто рекле дека претрпеле сексуално насилство и 15 отсто, економско насилство“, вели Камчева Златева.

Вакви центри или советувалишта има во Тетово и во Скопје. Советувалиштето за поддршка на жени жртви на семејно насилство и нивните деца нуди услуги од психолог, социјална работничка, правна советничка и кариерна советничка. Жените жртви можат да се јават секој ден од 9 до 16 часот на телефонскиот број 075 255 154. Исто така понудена им е и правна помош и поддршка, на телефонскиот број 075 304 802, секој работен ден.

Според Камчева Златева, свеста кај поголем дел од населението е развиена за овој

Од јануари до ноември стотина жени пријавиле дека биле малтретирани
Цветанка Камчева Златева

проблем. Таа смета дека жртвите имаат информации и знаат каде да се обратат и да побараат помош.

„Има кампањи за подигање на свеста, жените знаат дека не се сами. За разлика од претходно, сè повеќе се охрабруваат да пријават насилство“, додава таа.

Услугите и поддршката од социјалните работнички која што ја добиваат жените во женскиот центар се придружување, упатување и советување за остварување социјални и здравствени права. Добиваат и придружба и советување за добивање на документи за лична идентификација, односно директна комуникација со институции и организации од областа на социјалната заштита.

Исто така, за жените жртви се прави и процена на социјален ризик, безбедносен ризик како и ризик од бездомништво, но и процена на индивидуалните потреби за психосоцијална, правна и финансиска помош и поддршка.

„Низ процесот на советување од психолог жените може да очекуваат дека ќе бидат третирани со почит, ќе бидат ислушани и разбрани. Нема да бидат обвинети за насилството и нивното однесување ќе биде разгледувано во насока на тоа како насилството влијаело врз нив. Секогаш се обрнува внимание на добросостојбата на децата за кои мајката се грижи и за можните последици од насилство врз нив“, појаснува Камчева Златева.

Исто така, во рамки на Националната мрежа, има и куќа за отворено домување во кои се сместуваат жени кои го напуштиле домот/насилната средина. Куќата е отворена од 20 март лани, а до 31 ноември годинава во неа живееле седум жени кои веќе се вработиле и осамостоиле и живеат на други места.

Освен поддршка од социјална работничка и психолог, жените жртви во Женскиот центар за поддршка може да добијат и придружба до институции кои што имаат надлежност да обезбедат заштита и поддршка, информации за привремени мерки за заштита и нивно спроведување, како и информации за кривично правна заштита како и помош во поднесување на преставки за постапување/непостапување на надлежни институции до релевантниот орган. Во Женскиот центар за поддршка е ангажирана и кариерна советничка чија улога е да ги зајакне жените преку својата работа да помогне на жената за развој на кариера и полесно да дојде до вистинските работни места.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Дубаи документи: Македонска елита со имоти во Емиратите

Дубаи документи: Македонска елита со имоти во Емиратите

Јордан Камчев, Душко Чифлиганец, Ристо Секуловски, Бобан Заев се дел од македонските државјани кои имаат …