Оловни војници

Оловни војници

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Одам накај продавница, ја среќавам комшивката. Се поздравуваме и ми вика: „Не знам зошто, ама како да немам воздух. Досега никогаш не било вака загадено, се плашам за моето здравје, за здравјето на моите деца… Дали мислиш дека можеме нешто да направиме? Или ако ништо не можеме, барем да не се плашиме? Абе никогаш вака не сум се гушела!”

За многу елементарни човечки потреби, свеста на нашиот народ пребавно се развива. После краткиот разговор со комшивката, сама по себе се наметна размислата за потребата да им се укаже на луѓето што значи да се почне да се разговара за некој проблем и колку е важно да започнат дискусии и иницијативи за подигнување на јавната свест. Клучот за поттикнување на овие теми, лежи кај образованието и медиумите.

Пред да се постават мерни станици по градовите, за пошироката јавност Велес беше синоним за загадување, само Велес беше тој кој имаше проблем со нездравата животна средина. Само велешани беа тие чие здравје беше загрозено од загадената животна средина, а граѓаните на сите други градови беа “раат” од тој проблем. За Скопје, на пример, пред 15 години се знаеше дека во зимно време има магла, ама како за загаден град скоро и да не се зборуваше.

Во 1976 година, НИП „Нова Македонија” има издадено прилог кој се однесува на Топилницата во Велес. Во текстот, покрај другото, пишува:„Во чест на „11ти Октомври“ – Денот на востанието на македонскиот народ, на 10ти Октомври 1973 година на свечен начин беше пуштена во редовно производство Топилницата за цинк и олово „Злетово“. Со тоа градот на поетот револуционер – Кочо Рацин, градот на Вардар, што гордо го носи името на Тито, се здоби со својот најголем индустриски капацитет”. Дел од велешани во овој период можеби и биле среќни што ќе се вработат, што живеат во Титов град, што го имаат најголемиот индустриски капацитет, што тоа е направено токму на Денот на востанието на македонскиот народ, а всушност тој ден (Титов) Велес стана град на “оловни генерации”.

“Приказната“ за другите градови почна многу подоцна. Откако се поставија мерните станици во Скопје, се појави граѓанскиот активизам, секојдневно на социјалните медиуми се споделуваа информации за важноста на чистиот воздух, за загаденоста на Скопје. Граѓаните почнаа да разговараат за овој проблем, да се распрашуваат, да следат, да покажуваат загриженост. Скопје неколку пати беше меѓу најзагадените градови во светот. Ништо подобри не се ниту другите градови: Тетово, Струмица, Куманово, Битола, а откако неодамна се постави мерниот инструмент, видовме дека воздухот е загаден и во Прилеп.

Сега да видиме, зошто е ова политика? Постои еден вид демократија кој се вика „делиберативна демократија“. Таа подразбира општествено функционирање кое ќе ги развива разговорите за проблемите помеѓу граѓаните, граѓанските организации, медиумите, институциите. Со тоа што ќе почне да се отвораат темите, граѓаните ќе станат поупатени, а со тоа ќе се зголеми и притисокот врз институциите за решавање на проблемот. Подигнувањето на делиберативноста за важни општествени прашања, е клучно за подигнувањето на свеста како кај граѓаните, така и кај оние кои сме ги избрале да одлучуваат за одредени општествени проблеми.

Проблемот со квалитетниот воздух и негрижата за животната средина се одамнешни, но новина е што сега интензивно се разговара за нив. Токму заради тоа, и комшивката е сега загрижена за овој проблем. Порано и не можела да се грижи за нешто што не знаела дека постои како опасност.

Вчера прочитавме и дека половина од учениците кои завршуваат основно и средно училиште се на ниво на неписменост, дека немаат основни познавања за животот, а камоли за животна средина.

Еднаш еден повозрасен човек ми рече:„ Јасмина, не гледаат очите, туку умот гледа!”.

Ни фали многу ум и многу чист воздух за да почнеме да дишеме, а потоа да научиме што е живот и што значи тој да дојде!

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …