ОН ја обвинуваат Русија дека ги крши правилата за заштита на децата бегалци од Украина

ОН ја обвинуваат Русија дека ги крши правилата за заштита на децата бегалци од Украина

Шефот на агенцијата за бегалци на Обединетите нации, Филипо Гранди ја обвини Москва за кршење на фундаменталните принципи за заштита на децата, со давање руски пасоши на деца бегалци без придружба. Гранди додаде дека Русија ги дава овие деца на посвојување во руски семејства.

Тој рече дека УНХЦР ќе се обиде да добие пристап до децата и ќе се обиде да најде решенија во нивен најдобар интерес. Гранди признава дека не се знае колку деца се во оваа состојба.

„Во ситуација на војна, не можете да одредите дали децата имаат семејства или старатели. И затоа, додека тоа не се разјасни, не можете да им дадете друга националност или да ги посвои друго семејство“, рече Гранди.

Според најновите податоци на УНХЦР, речиси три милиони бегалци од Украина се регистрирани во Русија, повеќе од која било друга европска земја, а не се знае колку од нив се деца.

Украинските власти на почетокот на месецот изјавија дека речиси 14.000 деца биле депортирани во Русија од окупираните делови на Украина и обвини за нивно киднапирање, но Кремљ ги отфрли обвинувањата.

Претставници на Обединетите нации и лани во јули изразија загриженост дека украински деца се земени од сиропиталишта во источниот регион Донбас и насилно депортирани во Русија.

Гранди, по шестдневната посета на Украина, истакна дека се предвидува дека бројот на раселени луѓе во наредните години е неизбежно да порасне од сегашната бројка од околу 103 милиони.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Германија - робовска работа зад воланот на камион

Германија – робовска работа зад воланот на камион

Во ЕУ и во Германија, одамна постојат правила со кои се гарантира дека возачите на …