Општина Битола ќе добие две електрични возила за сопствени потреби, кои ќе се напојуваат од фотоволтаичен соларен систем, во рамките на новиот проект од ИПА фондовите за прекугранична соработка „Интегриран систем за зелен транспорт“. Во кабинетот на градоначалничката Петровска, беше официјализиран почетокот на проектот, преку кој, во наредните две години, покрај возилата, треба да се обезбеди и станица за полнење со енергија од обновливи извори.

„Започнуваме со имплементација на еден многу значен проект за општината, нешто што е потребно и претставува предизвик на модерното време на живеење. Преку проектот ќе бидат набавени две транспортни возила, минибус и помало возило, кои што ќе бидат ставени во функција на потребите на нашите граѓани, на нашите ученици, во нивните спортски активности и во останатите сфери на потребите на заедницата. Со проектот е опфатен и систем за полнење на возилата со електрична енергија, на соларен погон“ рече градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

Во проектот учествуваат четири општини од пограничниот регион со соседна Грција, по две од двете страни. Покрај Битола, во проектот учествува и Ресен, а од грчка страна општините Преспа и Флорина.

„Преку проектот ќе бидат обезбедени осум возила, по две за секоја општина-учесник. Работевме напорно со градоначалничката на Битола и со другите партнери во проектот и сега, навистина ни е драго да го имплементираме заеднички овој атрактивен проект. Ова е прва неофицијална средба и гостопримството кое што го добивме ветува остварување на добри резултати“, истакна проф. Димитриос Стимониарис – претставник на водечкиот партнер во проектот, факултетот во Кожани, Република Грција.

Вкупната сума за цел проект, која се однесува на сите градови партнери изнесува над 1 милион евра.