„Ова што во изминатата година од мојот мандат е направено во Општина Битола за поддршка на Здружението на слепите лица можеби е многу во однос на тоа што досега било направено, но сепак е малку во помошта која сите заедно треба да им ја дадеме на оваа категорија граѓани“, рече градоначалничката Наташа Петровска, обраќајки се во поздравниот говор на одбележувањето на 15 Октомври, Меѓународниот ден на белиот стап.
Петровска ги наведе петте клучни проекти кои Општина Битола ги спроведува за подобрување на условите на лицата со делумно или целосно оштетување на видот. Битола наскоро ќе го добие најголемиот ресурсен центар во земјава, наменет за слепи лица.
„Покрај ресурсниот центар за возрасни лица, во градот веќе го имаме и единствениот ресурсен центар за деца со оштетувања во видот, кој работи во рамките на О.У. „Св. Климент Охридски“. Исто така, немав дилема кога средствата наменети за новогодишната коктел прослава ги пренасочив за лицата со одредени пречки, како и за слепите лица. Во рамките на локалната самоуправа, морам да потенцирам дека од 50-100% проценти се зголемени средствата за помош на здружението на слепи лица, а дадена им е финансиска помош на физички лица од оваа категорија кои самостојно побарале помош од општината. Она што го прави општината мора да биде во интерес на нејзините граѓани“, истакна Петровска.
Претседателот на Здружението на слепи лица од Битола Стевче Костадиновски им се заблагодари на сите поединци, организации и на локалната самоуправа за дадената поддршка на слепите лица во градот.
„Ние сме едно од најактивните здруженија на слепи лица во Македонија, а морам посебно да и се заблагодарам на градоначалничката која направи многу занас, повеќе од сите мажи кои беа претходно, на советниците, на Лајонск клубовите, меѓународните организации УНДП, УСАИД итн. за се што прават за нас. Без нивна помош немаше да направиме чекор напред. Треба да се гордееме на ресурсниот центар кој немаа да биде ни мој, ни на градоначалничката, туку ќе биде на градот. Дај Боже никогаш повеќе да нема слепи лица и да немаат потреба од овој центар, но за нас, тој е и тоа како значаен“, посочи Костадиновски.
Претходно, со марш по Широк Сокак, Здружението на спели лица од Битола го одбележа Меѓународниот ден на белиот стап.