Османи-Селаковиќ: Дијалогот Белград-Приштина е единствено решение

Османи-Селаковиќ: Дијалогот Белград-Приштина е единствено решение

Македонскиот и српскиот министер за надворешни работи Бујар Османи и Никола Селаковиќ денеска во Скопје разговараа за билатералните односи, дијалогот Белград-Приштина и состојбата во Украина. Ставот на Србија за руската агресија остана непознат.

Ситуацијата во Украина предизвикана од рускиот воен напад била една од темите на министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи и неговиот српски колега Никола Селаковиќ. Тие се сретнаа во Скопје, но ставот на Белград за случувањата во Украина остана непознат. Селаковиќ, замина по официјалните обраќања и не одговараше на новинарски прашања. Османи, пак, остана, но не го пренесе ставот на неговиот колега.

„Се разбира дека разговаравме на оваа тема, се наметна како тема иако не е предвидена, се разбира за ставот на господинот Селаковиќ ќе го прашате него, јас го презентирав нашиот став и остануваме на нашиот став“, рече Османи.

Официјално Скопје, за разлика од властите во Белград, првиот ден по руската воена акција, ја нарече агресија и даде поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Министерот вели дека ситуацијата во главниот град Киев, каде што се наоѓа и македонскиот амбасадор не е добра, а амбасадорот и дипломатите поголемиот дел од денот го поминуваат во скривница. Државава пак, рече директно не е под некоја безбедносна закана, но економските импликации веќе се чувствуваат.

„Секако ќе има и економски импликации и тие веќе се чувствуваат, во цените на гасот, во цените на изворите на енергија, а тоа ќе се манифестира уште повеќе на цените на другите производи, вклучувајќи ги прехранбените производи “, рече Османи.

Одговарајќи на новинарско прашање шефот на дипломатијата кажа и дека имал средба со амбасадорката на Украина Наталија Задорожњук, но немал и засега не планира да се сретне со амбасадорот на Русија, Сергеј Баздникин.

Инаку, oфицијален Белград досега одржува исклучително блиски односи со Москва, а истовремено нагласува дека го поддржува територијалниот интегритет на Украина. Откако Русија во 2014 година го анектираше Крим, Србија не го призна украинскиот полуостров како дел од Русија, но истовремено не се придружи кон економските санкции на ЕУ против Русија. И по воената агресија на Русија врз Украина претседателот на Социјалистичката партија на Србија и претседател на српското Народно собрание Ивица Дачиќ оцени дека Белград не смее да се придружи на разните осуди и санкции против Москва, зашто земјите кои тоа го бараат од Србија не ѝ помогнале во 1999 година, кога земјата беше бомбардирана.

Српскиот министер Селаковиќ, пак, во официјалниот дел кажа дека разговарале за соработката меѓу двете соседни земји, дека односите се пријателски и исклучително добри, а станало збор и за заеднички регионални иницијативи на мултилатерален план. Селаковиќ рече и дека Белград стои на ставот дека дијалогот со Приштина е единственото решение за какво било политичко прашање.

„Говоревме и за важните регионални прашања, за дијалогот помеѓу Белград и Приштина, го изнесовме тоа што се наши ставови. Посветени сме на дијалогот, како единствено прифатливо решение за кое било политичко прашање што постои. Нашата посветеност на дијалогот нема да се доведува во прашање.“, рече Селаковиќ.

Инаку неделава во Брисел главните преговарачи на Србија и на Косово не оджраа заедничка средба и покрај напорите на европските претставници да организираат таква. Од таа средба зависеше дали европските посредници ќе организираат состанок меѓу премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ.

„Изразив поддршка на тој дијалог со посредство на Европската унија и ги охрабрив за што поскоро затворање на сите отворени прашања во регионот и придвижување кон помирување и кон целосна европска интеграција на регионот“, рече Османи.

Двајцата ја пофалија економската соработка меѓу двете земји нагласувајќи дека трговска размена минатата година достигнала над милијарда евра.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден …