Оваа сабота ќе биде „Ноќ на музеите“ во Прилеп

Оваа сабота ќе биде „Ноќ на музеите“ во Прилеп

Утревечер од 19 часот, па до 1 часот по полноќ ќе бидат бесплатно отворени за посети за сите граѓани,  6-те музеи во надлежност на прилепскиот Завод и музеј. Овие активности на прилепскиот музеј се во рамките на манифестацијата „Ноќ на музеите“, по повод 18-ти Мај, Меѓународниот ден на музеите.

Како што истакна в.д. директорот Благоја Атанасоски, тоа значи дека вратите на музеите во Прилеп: Участакот, Галеријата на икони, Спомен куќата на Кузман Јосифоски-Питу, Археолошката поставка во Завод и Музеј, Музејот за тутун што е сместен во Институтот за старословенска култура и Спомен куќата на Блаже Конески во родното Небрегово, ќе бидат бесплатно отворени за посетителите 6 часа. Со оваа активност на прилепскиот Завод и Музеј се вклучува во манифестацијата што ја организира амбасадата на ЕУ во Македонија, во година посветена на заштитата на културното наследство во Европа.

Прилепскиот Завод и музеј до Министерството за образование и наука вчера  испрати предлог барање, со цел посетите на музеите да влезат во редовната наставна програма на сите училишта.

„Писмото е со цел да се воспостави во пракса, да влезе во нивната редовна Програма, учениците да бидат повеќе присутни во нашите музеи. Што се однесува до посетеноста, таа е на многу ниско ниво. Ние стоиме на располагање, отворени сме за соработка, а во тој контекст во редовната Програма конкурираме со проекти за соработка со училиштата, со наслов ‘Музеите во училиштата и училиштата во музеите’. Наша и интенција на Министерството за култура е да се зголеми таа соработка со повеќе проекти“, изјави Атанасоски.

НУ Завод и Музеј – Прилеп со финансиска поддршка од Министерството за култура годинава ќе реализира повеќе проекти. Меѓу нив се: доградбата на манастирот Трескавец, евиденција на иконите, конзервација на живописот и оградниот ѕид околу конакот во долната црква во село Зрзе, препокривање на црквата „Свети Никола“ во село Манастир и на родната куќа на Блаже Конески. Наскоро ќе почнат истражувањата на археолошкиот локалитет Стибера. Исто така, се работи и на споменикот „Македониум“ во Крушево. Но, како што вели Атанасоски постојат одредени проблеми кои се поврзани со квалитетот на работата на фирмата изведувач на градежните работи, за што е известено и Министерството за култура.

Во текот на оваа година ќе биде реализиран и проектот за етнолошката поставка. Како што напомена в.д. директорот на НУ Завод и Музеј-Прилеп, Благоја Атанасоски, внатрешниот дел и карабината се готови, останува да се заврши внатрешниот дел и да се изложи поставката.

 

Прочитајте повеќе

Крајот на војната во Украина ќе ја живне и македонската економија

Крајот на војната во Украина ќе ја живне и македонската економија

Мирот ќе ја подобри и европската и македонската економија, а обновата на Украина ќе отвори …