Оваа сезона од грип досега заболени 539 лица, 92,5 отсто помалку од лани

Вкупниот број на заболени од сезонски грип во сезоната 2020/2021 година досега изнесува 539, што претставува 92,5 отсто помалку во споредба со истиот период лани и 94,5 отсто помалку во однос на типичната сезонска крива, соопшти Министерството за здравство.

„Мерките за заштита од ковид-19 вирусот придонесоа за намалување на бројот за заболени и на пациенти од сезонски грип. Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасната заштита од ова заболување“, велат од министерството.

Во државата, заклучно со петтата недела, вакцинирани се вкупно 39.488 лица против сезонски грип. Од нив, 28.922 лица се вакцинирани со бесплатна вакцина, додека пак 10.566 лица се вакцинирани со комерцијалните вакцини.

Најголемиот број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението од 15 до 64 години (228 случаи), а највисоката инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0 до 4 години.

Во петтата недела од 2021 година, пријавени се 45 случаи на заболени од грип/заболувања слични на грип, со што се бележи намалување во споредба со минатата сезона и со типичната сезонска крива.

Повеќе информации во однос на состојбата со грип во земјава може да се прочитаат на овој линк.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Во рамки на одбележувањето на овој ден, во Институтот за македонски јазик ќе бидат презентирани …