Паметниот учи од туѓите грешки, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ - ниту од своите

Паметниот учи од туѓите грешки, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – ниту од своите

Пишува: Зоран Милошески

„Ќе прати писменце Комитетот: тој и тој да го снема. И ќе го снема. Ќе го земат двајца во некое долиште и ќе го заколат. После ќе дојде писменце за тој што колел: тој и тој да го стемне, да не го раздени. И не ќе го раздени. Така секој со секого се клеветевме и се виде дека од човекот немало поголем нечовек…“

„Пиреј“, Петре М. Андреевски

Велат, паметниот се учи на туѓите грешки. Оти, никој не може да живее толку долго за да ги направи сите можни грешки на светот, а потоа да извлече искуство од нив.

Повлекувајќи паралела помеѓу случувањата на домашната политичка сцена од пред 17-18 години и овие денес, доаѓаме до поразителен заклучок дека не само што не учеле од туѓите грешки, туку нашите политички “елити“ не научиле ништо ниту од грешките на сопствената партија.

Кога е во прашање кадровската политика, потценувањето на политичкиот противник и ароганцијата во сопствените редови, очигледно е дека 11 годишното опозиционерство не му го дотерало умот на СДСМ. Иако во својот лидер треба да имаат пример за политичар од “народен ков“, ослободен од предрасудите на огромното мнозинство негови колеги кои себеси се доживуваат како “од Бога дадени спасители на народот и државата“, тоа малку до кого допира. Најблаго речено, иритира односот на значителен процент партиски и државни функционери, нивната индолентност, малодушност и дилетантизмот со кој им приоѓаат на високите и, во секоја смисла, скапо платени функции кои ги извршуваат.

Довчерашните борци против режимот и “заколнати“ приврзаници на демократијата, не научија дека противникот треба да се победи, но не да се потцени и понижи. Дека сопартијците кои со години ги газеле улиците и марширале во Отпорот и Шарената револуција, или пак во друга форма јавно и гласно го кажале своето несогласување со недемократското владеење на “фамилијата“, мора да се почитуваат. Исто како што треба да се почитуваат и неистомислениците и критичарите на нивното (не)работење. Бесрамното навредување и омаловажување на сите кои отворено говорат за неспособноста и криминалот на поединци од власта, централна или локална сѐ едно, нивно етикетирање и впишување во графата “душмани“, е веќе видена и поразена опција. Зарем погубноста на “мотивациската“ парола за шлеперот и жабата толку бргу ја заборавија? Зарем уште не сфатија дека ароганцијата е првото скалило за заминување во опозиција?

Низ времето, ВМРО-ДПМНЕ ја следел митот за прикриено милитантна организација, со автентични елементи на терористичко здружение. Тешко одеа обидите за ослободување од овој товар, а одредени настани во нивна режија, само го надополнуваа мозаикот.

Историјата ќе им ја оставам на историчарите, тие да ценат и судат за улогата на нарачателите и извршителите на неброените братоубиства, толку многу препознатливи за ВМРО. Чиј датум на формирање, патем речено, денес го славиме како државен празник. Сепак, цитатот од почетокот на колумнава, земен од ремек делото на Петре М. Андреевски „Пиреј“, на најсликовит начин го опишува синдромот на самоуништување на македонскиот народ.

…Ќе прати писменце Комитетот: тој и тој да го снема. И ќе го снема. Ќе го земат двајца во некое долиште и ќе го заколат. После ќе дојде писменце за тој што колел: тој и тој да го стемне, да не го раздени. И не ќе го раздени…

Раните од 27 април и упадот во Собранието со намера да се убијат однапред таргетирани цели, премногу се свежи. Заканите, пак, по животите на осумтемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои го поддржаа предлогот за уставните измени, не се ништо друго освен “софистицирана“ форма на погоре споменатото. Притоа, ова не е изолиран случај на упатување отворени закани кон народни избраници на ВМРО-ДПМНЕ од страна на нивни довчерашни сопартијци, само затоа што настапиле спротивно од ставот на партиското раководство.

Ќе потсетам на едни не така дамнешни случувања, кои многумина во опозициската партија сакаат да ги избришат од партиската и личната биографија. Пред неполни две децении, шестмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија партијата и преминаа во новоформираната ВМРО-Македонска, на поранешниот министер за финансии во Владата на Љубчо Георгиевски, Борис Стојменов. Соочени со закани за нивна физичка ликвидација, безбедносните служби на државата мораше на одредено време да ги однесе и да ги згрижи пратениците во непозната дестинација. Но, од омразата, гневот и бесот на партиските јуришници, не беа поштедени ниту имотите и семејствата на пратениците.

Пред куќите на пратениците се насобра толпа насилници, кои ги нападнаа и каменуваа нивните домови. Еден од шесттемина пратеници беше и прилепчанецот Ѕвонко Мирчески. Во време кога тој беше отсутен од градот и засолнат на некоја локација, неговата куќа беше нападната и демолирана. Меѓу силеџиите кои го сторија тој бесрамен и нечовечки чин, доминираа партиски функционери на прилепскиот Општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ, директори и раководители на општински и државни институции. Колкаво беше лудилото, потврдува податокот дека меѓу насилниците кои кренаа рака на најтесното семејство на Мирчески, имаше и негови блиски роднини.

За жал, Ѕвонко Мирчески, угледниот граѓанин на Прилеп, не е повеќе меѓу живите. Колкаво беше влијанието на стресовите и траумите кои му ги приредија закрвените новодобски “ќосиња“, за да почитуваниот и ценет стоматолог премлад го напушти овој свет, не е тешко да се претпостави. Чувствува ли некој од нив грижа на совест заради прерано згаснатиот човечки живот? Ќе запре ли конечно нашето вековно самоуништување и фамата дека нам не ни треба непријател, бидејќи најголемиот непријател на Македонецот е – Македонецот!?

Прашања многу, одговори никогаш помалку…

Прочитајте повеќе

Д-р: Филипче

Д-р: Филипче: Шансите да го поправиме изборниот резултат се добри

Јас никогаш не се откажувам. Во најтешките моменти во мојата кариера, а такви имало многу, …