Пендаровски: Најдобар начин да ја осигураме демократијата е преку образованието и образовните политики

Пендаровски: Најдобар начин да ја осигураме демократијата е преку образованието и образовните политики

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на конференцијата „Вклучување на политичкото образование во образовниот систем.“

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски порачa дека демократијата не треба да биде привилегија на само една генерација граѓани, туку траен систем на уредување на општеството и политиката за многу генерации во иднина.

 „Во таа насока, убеден сум дека најдобар начин да ја осигураме демократијата е преку образованието и образовните политики“, порача претседателот, додавајќи дека градењето на идните генерации на демократи мора да биде неизоставен дел од нашиот образовен систем. „ Старо правило е дека за да опстои, на демократијата и требаат демократи, а демократите не се раѓаат, туку се создаваат низ сложени професионални и животни процеси“, истакна претседателот Пендаровски.

Претседателот посочи дека демократијата во светот, а особено во транзиционите општества се наоѓа во егзистенцијална опасност, и дека ваквите тенденции се посебно видливи кај младата популација.

Во обраќањето, претседателот се осврна на актуелните предизвици со кои се соочува светот, пандемијата и руската агресија врз Украина.

„Оваа војна е спротивна на целокупниот меѓународен правен и политички поредок и отвора прашања за иднината на меѓународната заедница. Сликите што ги гледаме од Украина не враќаат во мрачното минато на тоталитарниот свет и се спротивни на се во што верувавме и се боревме после крајот на Студената војна“, рече претседателот Пендаровски.

Според него, сите овие околности ја оптоваруваат нашата дневнополитичка агенда уште повеќе, и влијаат врз оформувањето на ставовите на нашите најмлади полнолетни сограѓани, кои имаат право на глас и право да бидат политички активни.

Поради тоа, додаде претседателот, учениците треба да имаат можност да се образуваат со цел да знаат како да донесат информирана политичка одлука. „Како да направат разлика меѓу демократските политички идеологии од една и радикализмот и тоталитарните идеологии од друга страна. Помеѓу легалната и легитимна демократска политичка борба од една страна и борбата против демократијата и слободата, од друга. Меѓу вестите и вистината и дезинформациите и пропагандата. Меѓу вистината и лагата, меѓу борците за слобода и непријателите на слободата“, рече претседателот.

 За таа цел, истакна претседателот Пендаровски, иницираме поширока општествена дебата за модалитетите на вклучување на демократското политичко образование во нашиот формален образовен систем.

„За оваа иницијатива сметам на поддршката на сите институции, а пред се, на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, на академските институции, на професорите во училиштата и на ученичките организации, на граѓанските здруженија и на синдикатите во образованието. Очекуваме поддршка и од власта и од опозицијата бидејќи сметаме дека обезбедувањето на демократскиот поредок е натпартиска задача што ги надминува сите наши линии на поделби. Доколку ние, како креатори на јавните политики, не ја преземеме иницијативата, тогаш нашите деца и внуци ќе бидат средство за манипулација во рацете на манипулаторите и радикалите. Сите сме свесни дека во политиката не постои празен простор и затоа е подобро ние да го пополниме, а не непријателите на слободата“, истакна претседателот Пендаровски во своето обраќање.  

На конференцијата свои излагања имаа министерот за образование и наука,  Јетон Шаќири,  претседателот на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование, професор на Правниот факултет при УКИМ и советник на претседателот, Александар Љ. Спасов,  домашни и странски професори,  како и претставници од владини организации, граѓанскиот сектор и меѓународни фондации.

Конференцијата е во организација на Претседателскиот центар за политичко образование, a поддржана од Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Прочитајте повеќе

Георгиев бил фатен на дело со мито, Иџет Мемети е второосомничен

Обвинителство: Врховниот судија Георгиев бил фатен на дело со мито, Иџет Мемети е второосомничен

Јавен обвинител предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело, …