Македонија како никогаш порано, не била со олку низок опфат со вакцинација и никогаш не била на олку ниско ниво на здравствена едукација. Тоа што и докторите не се добро едуцирани, не е новонастаната ситуација, тоа е процес кој довел до ерозија на позицијата на здравствениот работник и неговиот авторитет низ годините. Во однос на вакцинацијата, едукација е потребна на многу нивоа, и кај докторите и кај родителите – вели проф. д-р Александра Грозданова.

Многу точни и неточни тврдења: епидемија на морбили, забраната за прием на невакцинирани деца, но и генерално вакцинацијата, деновиве се во фокусот на јавноста. Проваксери, антиваксери, лаици и експерти – сите кажуваат свои ставови во однос на овие лекови.

За да ги разјасни дилемите, „Мета“ контактираше експерти во областа,  проф. д-р Александра Грозданова  националниот координатор за имунизација зборува за дали има вистина во тврдењата кои на големо се коментираат на социјалните мрежи, а за тврдењето за поврзаноста на вакцините со аутизмот, зборувавме со проф. д-р Катерина Ставриќ, педијатар и директор на Клиниката за детски болести.

Вакцините се неефикасни? 

Грозданова: Тоа се небулози. Се вакцинираме од 1960 година наваму, и тоа со различни вакцини. Тие во континуитет се унапредуваат и се се` подобри. На светско ниво, дневно милиони деца примаат вакцина. Заради успехот на вакцините, тие се осудени на ваква компромитираност.

Во развиени држави вакцинирањето не е задолжително? 

Грозданова: Да, државите немаат задолжително вакцинирање, во нивната здравствена политика не е наложено дека мора да е задолжително. Но, во ниту една државна институција не можете да го запишете вашето дете, ако нема пополнет календар на имунизација. Во моментот кога ќе почнете да ги користите услугите на државата, вие не можете да правите што сакате. Ова е вака во сите држави членки на Европската Унија. Еве еден пример, во Холандија, 90 отсто е опфатот со вакцинација, иако е незадолжителна. Вака е и во останатите развиени земји. Значи, вакцинацијата не е задолжителна, родителите можат да си носат лична одлука, но во првиот момент кога детето влегува во системот, – користење градинка, училишта, тогаш е приоритет колективниот, односно јавниот интерес. Во тој момент, колективното здравје е поважно од личното.

Вакцината МРП предизвикува аутизам

Ставриќ: Дека ова тврдење не е точно, докажале бројни научни студии на светско ниво. Здравствените работници треба да се служат со научни резултати во разговор со родителите и во давањето одговор на сите поставени прашања и стравови кои постојат кај нив. Од друга страна аутизмот е јавноздравствен проблем кој се повеќе станува актуелен и потребно е истражувањата да се насочат на причините за настанувањето. Во една моја презентација за поврзаноста на МРП вакцината со аутизмот, користев податоци од светски научни трудови на оваа тема. Резултатите од пет студии, во кои биле вклучени 1.256.407 деца, и пет студии на случај во кои биле вклучени 9.920 деца, покажале дека нема поврзаност помеѓу вакцинaта МРП и аутизмот.

Вакцинацијата нема никаква врска со имунитетот

Грозданова: Вие со вакцините всушност стимулирате болест, кон која сакате да заштитите. Тоа е начин на пасивно прележување на болеста. Некогаш нема клиничка манифестација. Организмот создава антитела, за да во случај да биде заразен, да има имунитет. Со вакцините се внесуваат антигени, обработени во организмот. Кога заштитуваме со МРП вакцина, создаваме антитела, за ако детето дојде во контакт со оваа инфекција, да има клиничка манифестација со полесни симптоми.

Вакцините осакатиле и усмртиле многу деца: 

Грозданова: Ако вакцините толку ефикасно делувале на таков лош начин, досега ќе имавме премногу смртни случаи. Фактите говорат дека во цела измината 2018 година, само двајца родители пријавиле несакани реакции кај нивните деца од вакцина. Ние низ годините во континуитет примаме се` повеќе вакцини, живееме во се` полоша средина, а старосната граница се зголемува, односно сега е 72-73 години. Медицината и фармацијата го подобруваат квалитетот на животот и тука не постојат дилеми. Уште еден факт, сите регистрирани случаи на заразени со морбили кај нас се деца кои немаат примено вакцина. Како се случи да не заболе едно вакцинирано дете?

 

Падот на опфатот со првата доза на МРП вакцината (против морбили, паротитис и рубеола) е силно поврзан со влијанието на антивакциналното лоби кое зема засилен замав и во нашата земја.

Ако се погледнат бројките од извештајот за имунизација кој го прави Институтот за јавно здравје, се забележува дека во однос на вакцинацијата со прва доза на МРП вакцина, која се дава на возраст од 12 месеци, во 2017 е регистриран опфат од 82,6 oтсто, што незначително се разликува во однос на 2016 година кога опфатот бил 82,1 отсто.

Но, почнувајќи од 2014 година, се бележи континуирано намалување на опфатот, а последите три години, опфатот со МРП вакцинацијата континуирано е под 90 отсто.

За разлика од опфатот со првата доза, опфатот со втората доза кај деца на 6 годишна возраст, односно во прво одделение е значително повисок. Во 2017, опфатот со втората доза на МРП вакцината е 97 отсто, што е повеќе од 2016 година, кога опфатот бил 93,3 отсто, како и од просечниот опфат за изминатиот петгодишен период, кој изнесува 94,8 отсто.

Извор: МЕТА