Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов и градоначалникот на Општина Делчево , Горан Трајковски денеска извршија увид во текот на работите за реконструкција на регионалниот пат Делчево-Звегор- Граничен премин „Делчево“, каде изведувачот ГП „Гранит“ од денеска почна со асфалтирање.
Министерот Сугаревски истакна дека станува збор за многу значаен пат, бидејќи е дел до рутата на Коридор 8 што нѐ поврзува со Република Бугарија и најчесто користен патен правец за излез од земјата.
-Реконструкцијата заедно со изработката на проектот е започната минатата година и очекуваме оваа година патот комплетно да биде завршен, а превозот на стока и патници да биде олеснат што ни е и крајна цел. Она што е многу важно и што ни е приоритет како Влада е да обезбедиме брза конекција со граничните премини. Од таа причина започнавме со реконструкција на овој патен правец кој води до граничниот премин Делчево, рече Сугарески.
Министерот очекува оваа година ЈПДП да започне со реконструкција и на делот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, а исто така, се планира реконструкција и на патниот правец од Берово до граничен премин Клепало со Бугарија.
– Тоа значително ќе ја олесни комуникацијата со нашиот сосед Бугарија, а верувам дека ќе влијае и на економската погранична соработка меѓу општините од овој дел на земјата со тие од бугарска страна. Вложуваме сериози инвестиции во патната инфраструктура, преку една милијарда евра инвестиции за изградба и реконструкција на патиштата, истакна Сугарески.
Реконструкцијата на патниот правец Делчево-Ѕвегор-Граничен премин во должина од 5 км, е дел од пакетот проекти кои се реализираат преку Светска банка, каде оваа година е предвидена реконструкција и на 10 км на делницата Делчево-Пехчево, Берово-Виница во должина од 11 км. Вкупниот буџет за овие проекти е 3,3 милиони евра, истакна директорот на ЈПДП, Зоран Китанов.
– Очекувам градежните работи да завршат до крајот на јуни, по што ќе се реконструира и булеварот, односно А3 Транзит низ Делчево – лев и десен коловоз , каде се започнати подготвителните работи. Вредноста на работите е 500 илјади евра, средствата се обезбедени од Буџет на ЈП за државни патишта. Во овој регион минатата година се реши едно круцијално прашање, а тоа е реконструкцијата на патот Кочани-Делчево и во истиот период потенциравме дека многу патишта од овој регион изминатите 30-40 години не се чепнати, рече Китанов.
Градоначалникот Трајковски изрази задоволство од реализацијата на проектите, бидејќи оваа делница, но и транзитниот булевар се реконструираат прв пат откако е воопшто и изграден пред неколку децении.
- Квалитетот на животот на сите граѓани на РМ мора да биде на исто ниво. Денеска сме сведоци на еден проект кој можеме да го наречеме не Скопје 2014, туку Делчево 2019, односно на една градежна експанзија која ќе го подобри квалитетот на животот. Ние бевме сведоци за лошата состојба во која се наоѓа коловозот веќе подолго време што, секако, влијае и на безбедноста во сообраќајот, бидејќи овде транзитираат возила кон Бугарија, односно влегуваат во Македонија, но се оддава и лоша слика за градот како погранично место. Добрата инфраструктура значи и добра основа за економски развој, посебно во овој пограничен дел, рече Трајковски.
Посетата на министерот Сугарески и директорот Китанов во Делчево зпаочна со работна средба со градоначалникот Трајковски каде беа презентирани актуелните и идните проекти кои се планирани во програмата на Општина Делчево, а ќе се реализираат со поддршка на ресорното Министерство и ЈПДП.