Три лица од вкупно 12 против кои Основното јавно обвинителство Скопје денес поднесе обвинителни предлози за инцидентите за време на протестите во Скопје се гонат за Предизвикување општа опасност согласно член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Останатите 9, по спроведената претходна постапка се обвинети за кривично дело – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетите, како што соопшто ОЈО, за време на јавните собири на граѓани, на 5 и 6 јули, учествувале во толпата што изврши кривично дело – насилство пред Собранието на Република Северна Македонија.
„Тие со камења, бекатон плочки, железни предмети, сообраќајни знаци, корпи за отпадоци и пиротехнички средства фрлале кон полициските службеници распоредени во полициски кордон за заштита на зградата на Собранието. Притоа, на еден полициски службеник му била нанесена тешка телесна повреда, а 26 полицајци се здобиле со телесни повреди. Обвинетите причиниле штета на Собранието во вкупен износ од 576.665 денари, оштетиле полициска опрема и едно полициско возило Шкода Јети“, наведено е во сооштението.
Меѓу обвинетите се и двајца скопјани, на возраст од 18 и 26 години, кои со општо опасно дејствие предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето на место каде што биле собрани поголем број луѓе.
„Едниот обвинет подготвил „молотов коктел“, ставајќи бензин и парче ткаенина во стаклено шише, по што општо опасното средство го подал на другиот обвинет кој го фрлил кон поставениот кордон од полициски службеници“, појаснија од ОЈО.
Исто така, за предизвикување општа опасност се гони и 40-годишен скопјанец, кој на 6 јули, на платото пред плоштадот „Скендербег“, со пиштол марка Волтер модел Р 99 со калибар 9х19 мм кој го поседувал дозвола, предизвикал значителна опасност за животот на луѓето.
Тој, во два наврати испукал по два куршума во воздух за време на движењето на групата граѓани кои учествувале на јавниот собир.
Според претходната одлука на судот за седум од обвинетите определена е мерка куќен притвор, додека за петмина беше определена мерка притвор.
„Со цел да се обезбеди присуството на обвинетите во текот на постапката, надлежните јавни обвинители денеска до судот доставија и предлози за продолжување на вака определените мерки“, извести ОЈО.