Полицискиот час нема да се укине, по шопинг и во кладилница со маска и во ограничен број

Полицискиот час нема да се укине, по шопинг и во кладилница со маска и во ограничен број

Комисијата за заразни болести ќе испрати предлог до Владата за олабавување на мерките и да се овозможи ставање во функција најпрво на центрите за едукација, испитните центри, спортските обложувалници и затворените трговски центри, информираше на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Овие дејности би функционирале во часовите во кои е дозволено движење на населението. Засега не се планираат промени во полицискиот час.

– Сето ова е согласно критериумите, според кои мора сите субјекти да се придржуваат до носење заштита, како и одреден број присутни. После следењето на епидемиолошката состојба, следува отворањето на угостителските објекти. Меѓу сите овие препораки, детално ќе се следи епидемиолошката состојба. Ова е планот кој сега го поднесуваме до Владата. Постепено го враќаме животот во нормала, работните процеси во однос на стопанството, со одредени протоколи, задолжителната дистанца, носењето маска – рече Филипче.

Состојбата ќе се следи, па така за наредната недела е предвидено да се отворат кафулињата и рестораните. По ова, уште една недела подоцна, на 25 мај би следувало отварање на објекти со игри на среќа, автомати, клубови, теретани, базени и хотели.

– Комисијата за заразни болести согласно досегашните трендови на ширење на вирусот на свестко ниво и согласно многу студии кои се објавија и сознанија, подготви научно издржани претпоставки за тоа, како може да се развива состојбата со вирусот. Се очекува стабилизација на ширење на вирусот, но сме свесни дека целосно исчезнување тешко е да се очекува. Согласно сегашната состојба, во следните два месеци очекуваме намалување на ширење на вирусот. Нешто што очекуваме да придонесе се и високите температури, кои ќе го ослабнат вирусот и ќе го намалат преносот – кажа министерот.

Тој очекува компаниите и организациите да се придржуваат до протоколите, што ќе биде предуслов за понатамошно целосно отварање и враќање на целиот работен процес во државата. Истакна дека ни претстои мирен период.

– Затворени се границите. Сите овие мерки кои досега беа на сила ги дадоа овие резултати и според сознанијата и предвидувањата, сметаме дека пред нас е мирен период во кој здравствениот систем може да се изменаџира – додаде тој.

Полицискиот час засега нема најава дека ќе се укине, а денеска не беше соопштен ниту предлог за постепено отворање на границите за влез и излез на домашни и странски лица во земјава.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Постизборни коалиции причина за кавга меѓу политичките партии

Постизборни коалиции причина за кавга меѓу политичките партии

Кој ќе формира нова Влада по парламентарните избори 8 мај, беше главното прашање по кое …