Во чест на Денот на народното востание 11.Октомври, денеска во просториите на Сојузот на борци – Прилеп, се одржа предавање на тема „Формирањето и борбениот пат на 5.Народноослободителна ударна бригада“.
Круме Соколоски, претседателот на прилепскиот Сојуз на борци, рече дека 11.Октомври е најзначајниот датум во историјата на македонскиот народ.
„11.Октомври претставува почеток на едно успешно револуционерно движење кое на крајот заврши со победа. И не само со партизански одреди, туку се формираа бригади, дивизии а на крајот и корпуси и војска на Македонија. Ние ја почитуваме традицијата на тие храбри борци, кои што во екот на силна фашистичка окупација овозможија да се крени едно такво успешно револуционерно востание“, изјави Соколоски.
Полковникот во пензија Тони Попоски, кој пред присутните зборуваше за значењето на 5.Народноослободителна ударна бригада, истакна дека како од политички така и од воен аспект, оваа бригада има огромна важност.
„Од политички аспект, значењето е во тоа што секаде каде што во својот пат поминала оваа бригада, која меѓу народот била позната како 5.Прилепска бригада, ја формирала новата власт, формирала нови народни одбори, фактички почнала да живее новата држава. Од воен аспект, оваа бригада имала големо значење за ослободувањето на целата територија на Македонија, затоа што борбите кои бригадата ги водела во Поречкиот крај, во Здуње, борбите за ослободување на Прилеп, Ресен, Охрид и Струга, се светли традиции на 5.Прилепска бригада“, потенцираше полковникот Попоски.
На предавањето присуствуваа и градоначалникот Илија Јованоски, претставници на прилепскиот гарнизон, на повеќе здруженија на граѓани, како и почитувачи и продолжувачи на традицијата на НОБ.