Бојан Јовановски во судницата во Врховниот суд за време на изрекувањето на првостепената пресуда за „Рекет“ со која тој доби казна затвор од 9 години | Фото: Арбнора Мемети

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева доби седум години затвор, Бојан Јовановски – девет години

По шест месеци судење, денеска беа објавени пресудите за случајот „Рекет“. Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, обвинета за злоупотреба на службена положба и овластувања доби казна затвор од седум години, додека Бојан Јовановски – Боки 13, за „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари“, доби девет години затвор.

Пресудата е првостепена, односно уште не е правосилна, а предмалку ја соопшти судечкиот совет од Основен кривичен суд – Скопје, на чело со судијката Васка Николовска-Масевска. Осудените имаат право да ја обжалат пресудата во скопскиот Апелациски суд.

Бојан Јовановски за време на изрекувањето на првостепената пресуда за „Рекет“ со која тој доби казна затвор од 9 години | Фото: Арбнора Мемети

На Бојан Јовановски ќе му се конфискува облеката од скапи брендови во 70 вреќи што му ја одзеде обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска во истрагата, како и уметничките слики од Личеновски, Мартиновски, Коџоман и други, мебелот и сè што му е стекнато со пуштањето во оптек на парите од земениот рекет, кажа судијката Васка Николовска-Масевска при изрекување на пресудата. Ќе му се конфискуваат и 12.000 евра што биле најдени кај него.

На Јанева, за која судијката рече дека ја урнисала вербата на целата јавност во правосудството, ќе ѝ бидат конфискувани 50.000 евра, а ако нема готови пари на сметки, ќе бидат присвоени лични предмети или недвижнини во износот со кривичното дело.

По соопштувањето на пресудата, кое се случи во големата сала на Врховниот суд, поради очекуваното бројно присуство на новинарски екипи, обвинителката Русковска побара продолжување на мерките притвор за двајцата сè до правосилноста на пресудите.

„Со оглед на тоа дека сега осудената доби висока казна, но и дека се води пред неа предистражна постапка за друго дело, барам на Јанева да ѝ биде укинат куќниот притвор и да биде вратена во затворот во Шутка”, рече Русковска.

Русковска исто така рече дека ќе се жали на денешната пресуда, оти за Јанева очекувала од 7 до 8 години затвор, но за Јовановски не очекувала дека ќе добие под 10 години.

„За Јанева очекував помеѓу 7 и 8 години, а за Јовановски не сум задоволна- не очекував под 10 години. Ќе поднесеме жалба и за едниот и за другиот“, рече Русковска.

Обвинителката Вилма Русковска на изрекувањето на првостепената пресуда за „Рекет“ | Фото: Арбнора Мемети

Катица Јанева и Бојан Јовановски се виновни во судскиот предмет „Рекет“. Според обвинението, Јанева ја олеснила постапката и мерката притор за бизнсименот Орце Камчев во предметот „Империја“. Зоран Милевски – Кичеец ги договарал средбите, а Боки 13 влијаел врз Јанева. Сумата што ја добиле изнесува 1,5 милиони евра.

Зоран Милески-Кичеец, кој беше обвинет за примање награда за противзаконито влијание, на првото рочиште призна вина и веќе наредниот ден (4 декември 2019) доби затворска казна од три години.

На изрекувањето на пресудата во големата сала на Врховниот суд во Скопје присуствуваше само првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13, додека второобвинетата Катица Јанева не дојде во судот поради здравствени причини.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Вакцина ковид

Изминатата недела секој трет тест за ковид бил позитивен

Регистрирани сe 11.610 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со зголемување од 4,5 …