ММФ

Порталб анализа: доаѓа кризен период – новите заеми мора домаќински да се трошат

Новите задолжувања неминовно ќе го зголемат јавниот долг но клучното прашање е за што ќе се трошат парите – за тековни буџетски функции или за капитални инвестиции, пишува Порталб.  Во најава е нов заем од ММФ во износ од околу 900 милиони евра – економистите предупредуваат дека Владата мора стратешки да ги троши парите.

Јавниот долг ќе расте …

Следува период на длабока криза, економијата нема да може да испорача доволно високи стапки на раст, приватниот сектор ќе се бори за ликвидност, граѓаните со инфлацијата. Во вакви кризни моменти кога буџетските трошоци се зголемени за поддршка на домаќинствата и на компаниите а со буџетски пари се  гаснат „пожари“ и во енергетскиот сектор, очекувано е дека ќе се посегне по нови задолжувања, велат економистите. Владата побара  заем од ММФ кој според информациите ќе биде во износ од околу 900 милиони евра кој неминовно ќе го зголеми Јавниот долг.

„Состојбата во економијата годинава е навистина сериозна. Се очекува значителна надолна корекција на очекуваната стапка на економски раст за 2022 година што заедно со растечката инфлација ќе создаде дополнителен проблем за економијата.  Буџетскиот дефицит со ребаланс на Буџетот ќе биде значително поголем од првично планираниот, што со најавите за ново задолжување од 900 милиони евра и пониска стапка на раст на економијата со сигурност ќе предизвика дополнително зголемување на јавниот долг и ограничување на фискалниот простор за поттикнување на идниот развој на земјата“, вели економистот, професор Драко Лазаров.

Што ќе донесе новиот ребалансира Буџет ќе се знае по 3 мај, кога ќе заврши и скенирањето на економијата од страна на мисијата на ММФ. Но, јасно е дека економскиот раст ќе се намали, сегашните буџетски приходи нема да можат да ги покријат зголемените трошења поради што ќе се продлабочи буџетскиот дефицит. Новите задолжувања ќе го зголемат веќе растечкиот Јавен долг. Според последните достапни податоци од Минситерството за финансии на крајот од февруари годинава само Државниот долг надмина 6 милијарди евра што претставува 48,6 отсто од БДП.

Заем од ММФ – заголемна контрола врз јавните финансии…

Пред да тропне на „вратата“ на ММФ, Владата најави нова Еврообврзница во износ од над 600 милиони евра, но засега, според премиерот Ковачевски подобра опција се смета инструментот на ММФ поради пониската камата.

„Војната во Украина неколкукратно ја зголеми цената на енергенсите. Сето тоа предизвика да мора да се направат антикризни мерки од 400 милиони евра коишто значеа намалување на дел од даноците, и исто така зголемување на дотации за најранливите категории на граѓани. Со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните беа зголемени пензиите преку воведување нова методологија и беше зголемена минималната плата бидејќи оние коишто работат со минимална плата во тој момент не можеа да ги покријат трошоците на потрошувачката кошница. Сето тоа доведе до зголемени потреби во Буџетот“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Економистите упатуваат на претпазливост – во најава е зголемување на платите во образованието, владата се соочува и барања за раст на платите и во јавните претпријатија и во други државни институции – а сето тоа значи нова буџетска издашност која не е насочена кон капитални инвестиции кои се локомотива за економскиот раст.

„Она што треба да нè загрижува е фактот што задолжувањето во најголем дел е насочено за покривање на тековна потрошувачка на државата, а не за капитални инвестиции. За илустрација, реализацијата на капиталните инвестиции во првите 5 месеци од годината е очајни 16 отсто од планираните, што укажува дека со ребалансот на буџетот ќе се крати многу повеќе од капиталните инвестиции, отколку од непродуктивни трошења. И покрај тоа што Владата усвои план за рационализација на расходите и најави примена на златното правило за поголем износ на капитални инвестиции од буџетски дефицит, за жал тоа во реалноста сеуштно не го гледаме и тешко може да очекуваме дека ќе се случи“, вели професорот Лазаров.

Во кризни услови економистите сметаат дека сепак заемот од ММФ може да се смета за подобра опција од Еврообврзница не само поради пониската камата туку и поради силната контрола и мониторинг врз начинот на кој ќе се трошат парите. Според сегашните проценки за непречено извршување на Буџетот „недостигаат“ околу 600 милиони евра. Со ребаланс на Буџетот Владата планира да „ослободи“ дополнителни средства, дел преку рационализација на трошоците а дел преку кратење на капиталните проекти кај кои има застој во реализацијата.

Прочитајте повеќе

Битиќи

Битиќи: Поедноставните регулативи и постапки кај царинските управи носат успешна економска соработка

аменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир …