Една од најголемите депонии во Тетово, кoja се наоѓа во „Ромската населба“ после неколку години конечно ќе се отстрани. Општинските власти известуваат дека веќе шест дена се одвиваат работи и, како што велат, ќе се исчисти и целото речно корито на Пена. „Порталб.мк“ постојано информираше за опасноста што ја носи оваа депонија за граѓаните, особено за жителите од околината, пишува Порталб.мк.

„Веќе 6 дена трае чистењето на речното корито, а акцијата ќе заврши зависно од работите на терен. Отпадот оди во депонијата „Дрисла“, велат од општина Тетово.

Потсетуваме дека во оваа населба се создаде преполна депонија. Таму може да се најдат килими, мебел, телевизори и многу други апарати за домаќинство што се фрлени од несовесни граѓани а реата што се испушта е одвратна.

„Порталб.мк“ постојано информираше за оваа депонија, поради тоа што често пати експертите од оваа област истакнуваа дека ваквите депонии претставуваат реален ризик од ширење на разни епидемии, ниту една институција било на локално или централно ниво нема преземено мерки за решавање на оваа проблематика, барем не за градот Тетово.

Депонијата се наоѓа 700 метри воздушна линија од Општина Тетово, при што во оваа населба живеат десетици жители, кои од ден на ден се сѐ позагрозени од разни болести што може да се предизвикаат како последица на депонијата.

Инспекторатот за животна средина – бескорисен

„Порталб.мк“ со години пишува за феноменот на ненаоѓање на лицата што ги палат отпадоците во Тетово, и за создавањето депонии како оваа. Бројот на лица кои се задолжени да ги најдат и санкционираат прекршителите е 4, што е многу мал број за еден град со околу 70,000 жители.

Неколку од случаите за кои прекршителите останаа неоткриени, како последица на неспособноста на инспекторатот за животна средина е палењето на депонијата во Тетово, палењето отпадоци во населбите „Блок 70“ и „Дарданија“, палењето отпадоци во „Ромската населба“, како и многу други кои граѓаните ги пријавуваат на „E-репорт” бидејќи бројот даден на веб страницата на општината (0800-55-043) за пријавување на вакви случаи, не работи.

Инаку, иако декларативно, надлежните постојано ги обвинуваа граѓаните за создавањето на депониите, а тие никогаш не презедоа било каква мерка за санкционирање или превенција со цел такви случаи да не се повторуваат повеќе. А за една година, Инспекторатот за животна средина во Тетово има изречено само 15 казни.

Извор: МЕТА