Последните количини хемикалии од ОХИС заминаа на уништување, линданот сè уште чека

Десет тони опасни хемикалии од ОХИС заминаа на безбедно уништување во инсенераторот во Лион, Франција. Тоа беа последните количини хемикалии, кои во текот на речиси две години беа препакувани и изнесени од кругот на фабриката и транспортирани до три локации низ Европа, каде што се безбедно уништени.

Со последниот, петти, извоз и официјално завршува „Проектот за безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД „ОХИС“ кој го реализираше фирмата „Екоцентар 97“. Досега, во инсенераторите завршија вкупно 64 тони опасни хемикалии, во кои имаше метанол, акрилонитрил мономер, но и непознати хемикалии, кои во дворот и во зградите на некогашната хемиска фабрика лежеа повеќе децении и беа огромна опасност за здравјето на луѓето и за животната околина.

„На 19 февруари, во кругот на ОХИС, се изврши утовар на опасен хемиски отпад, односно, 4,6 тони иницијатори, хемикалии со познат состав, и 5,2 тони хемикалии со непознат состав во камиони што ги исполнуваат соодветните услови за транспорт на опасен отпад, со што продолжи чистењето на една од жешките еколошки точки во државата. За оваа активност беа известени сите компании што вршат дејност, така што, во текот на утоварот беше воспоставен посебен режим и забрани за движење на лица и возила во кругот на ОХИС. Отпадот се упати кон постројката за уништување во Франција, а Државниот инспекторат за животна средина констатираше дека постапката на отстранување на отпадните хемикалии во кругот на ОХИС беше успешно завршена“, информираа од Државниот инспекторат за животна средина.

На почетокот на октомври лани комплетно беше завршена и постапката за извоз и безбедно транспортирање и на 13 тони од опасниот винил хлорид мономер, кој замина на уништување во инсенератор во Германија. Претходно, во 2019 година во април, откако беа санирани садовите под притисок со хлор, 81 боца и еден контејнер, беа испратени во специјализирана компанија во Србија каде што се санираа оштетените вентили, а хлорот беше извлечен со дегазација и истретиран. Садовите беа исчистени од остатоците од хлор, а потоа вратени во ОХИС.
Потоа беа реализирани четири од вкупно пет планирани извози на опасниот отпад. Во јануари лани беа извезени 16,7 тони опасен отпад од метанол и акрилонитрил мономер  и 17 тони опасен отпад од метанол, потоа во февруари, 16 тони опасен отпад од метанол, акрилонитрил и отпад од хемикалии со непознат состав и во март, 14 тони непознати хемикалии.

Сепак, проблемот со ОХИС и историското загадување не е целосно надминат. Останува предизвикот за чистење и санација на депониите на линдан, како и рехабилитација на почвата и подземните води.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Владата ги утврди измените на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење

На вчерашната седница Владата утврди текст на Предлог на закон за изменување и дополнување на …